За „Нова Македонија“ од Израел, Марија Таушанска
Во „Експо“ центарот на Тел Авив, Израел, вечерва почнува „Евровизија 2019“, еден од најгледаните настани на планетата. Во прес-центарот, атмосферата се повеќе се загрева, доаѓаат новинари од земјите учеснички од цела Европа и од Австралија, да ги поддржат своите претставници.
Дел од нив ги прашавме за првите впечатоци и за очекувањата.
Дебен, кој пишува за „Вивиблогс“ ни рече дека годинава на „Евровизија“ има одлични песни и оти очекува многу квалитетен фестивал, а се радува што може да почувствува и да ужива во егзотиката на Тел Авив, но и на Израел. Според него, нашата Тамара звучи многу моќно на сцената.
На Тим, блогер од Велика Британија, му се допаѓаат песните што се одбрани годинава, а ја издвојува Холандија како фаворит за победа.
– Би сакал Северна Македонија да влезе конечно во финалето, бидејќи навистина го заслужува тоа – рече тој.
Се запознавме и со Џуди, новинарка од Норвешка, на која исто така и се допаѓа нашата песна.
-Мислам дека фестивалот има висок квалитет оваа година. Ја следам „Евровизија“ десет години и чувството е фантастично да бидеш дел од овој натпервар – вели таа.
За новинарката Валентина Ѓоргиевска, ова е 13 евровизија што ја следи.
– Во прес-центарот има новинари, кои доаѓаат секоја година. Обично се најактивни оние од Грција, но годинава се додјени во помал број. Италијанците годинава се најактивни, бидејќи нивниот претставник е фаворит за победа. Овојпат многу повеќе ги има тука, а повеќе шетаат и одат на настаните – ни рече Валентина Ѓоргиевска.
Инаку, во прес-центарот постојано има гости, некогашни и сегашни учесници на овој фестивал, а една од нив беше и некогашната евровизиска победничка Шарлот.
– За мене „Евровизија“ е најголем фестивал, барем така чувствувам во моeто срце, и горда сум што сум нејзин победник. Им посакувам голем успех на сите учесници годинава – ни рече Шарлот.