Овој бенд за нас е место каде што своите идеи и инспирација можеме да ги преточиме во парче музика од кое сите сме задоволни. За нас „Дупер“ е забава, слобода, среќа, велат членовите на групата
Со песната „Не сум твој тип“, за која е снимен и спот, групата „Дупер“ го скрши мразот на македонската музичка сцена и веднаш следуваа добри коментари и пофалби дека се вистинско освежување и поп-група, која е поразлична од она што сме имале можност да го слушнеме досега. Членовите на младиот поп-бенд: Илчо Нечовски, вокал и бас-гитара, Мартина Баракоска, тапани и Борис Какуринов, гитара и клавир, ни рекоа дека веќе имаат материјал и за цел албум, а наскоро планираат и настапи во живо во Скопје и во клубовите низ земјава. Инаку и тројцата се студенти – Илчо е иден психолог, Борис студира маркетинг на Економскиот факултет, а Мартина е студентка на Музичката академија. Сите се потпишуваат како автори на првата песна „Не сум твој тип“, а велат дека така и ќе остане при промоцијата на материјалот што следува. Песната е снимена во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев, а интересниот спот го режираше Томи Акимовски.
Дали сте задоволни од вашата прва песна и од спотот снимен за неа?
– Презадоволни сме со продуктот што го добивме. Сакаме да му оддадеме признание на снимателот, Ангел Ќосев, со чија помош успеавме дотука да ја донесеме песната. Се радуваме што допревме до луѓето и тоа уште повеќе нѐ мотивира да продолжиме да создаваме музика. Не сакаме жанровски да се ограничуваме. Им оставаме на критичарите да нѐ сместат во некоја од групите.
Со спотот направивте убава визуализација на вашата прва песна. Дали се забавувате додека снимавте и каква беше соработката со режисерот Томи Акимовски?
– Многу сме му благодарни на Томи, без него спотот немаше да биде таков. Секако дека беше забавно, тоа може да се види и во самото видео. Постојано се консултиравме со него во однос на нашите идеи и сѐ добро функционираше. Се надеваме наскоро на повторна соработка со него.
Најавувате и прв албум наскоро, дали подготовките се во тек и дали новите песни ќе бидат стилски слични на првата песна или ќе има некои изненадувања?
– Албумот е веќе во подготовка, имаме доволно материјал на кој работиме. Не се ограничуваме стилски, иако постојат елементи што се среќаваат во другите песни и кои потсетуваат на „Дупер“.
Што за секого од вас значи овој бенд?
– Овој бенд за нас значи дружба во пробувалната, менување на инструментите меѓу себе, место каде што своите идеи и инспирација можеме да ги преточиме во парче музика од кое сите сме задоволни. За нас „Дупер“ е забава, слобода, среќа.
Какви се вашите желби, до каде сакате да стигнете со вашата музика?
– Сакаме сите да чујат и знаат за „Дупер“. Сакаме нашата музика да потсетува на нешто убаво, да потсетува на нас.