Водејќи ги туристите под сводовите и кулите на средновековниот хрватски град Дубровник, Иван Вуковиќ, всушност, ги носи на прошетка низ град кој не постои – фиктивната престолнина Кингс Лендинг од серијата „Игра на тронови“. Дубровник стекна популарност меѓу љубителите на серијата, чија последна сезона ќе ја има премиерата на 14 април, бидејќи во хрватското летувалиште се снимани сцени од престолнината на Вестерос.
– Да се биде главниот град на седумте кралства на Вестерос е истовремено благослов и клетва – вели туристичкиот водич Вуковиќ.
Една половина од рутата вклучува обележја од Вестерос, додека другата е посветена на историјата на Дубровник, град кој датира од седмиот век и е заштитен од УНЕСКО.
Локалните жители се навикнати на туристите, па дури и продаваат производи кои носат имиња од серијата. Можат да се купат маички, чаши, па дури и „Мохито на срамот“, коктел наречен по познатата сцена од серијата, во која кралицата Серсеи чекори гола низ градот.
Но, откако Дубровник се стекна со популарноста, бројот на локални жители значително се намали. Многумина од нив решаваат да ги издаваат своите куќи или да ги продадат, а цената достигнува и до десет илјади евра за еден метар квадратен.
Дубровник во 2018 година се соочи со туристичка криза, поради тоа што повеќе од 1,2 милиони туристи го поплавија малото гратче кое има одвај 43 илјади жители. За таа цел, властите решија да употребуваат бродови што крстарат и поставија многу камери во градот, со цел да ги контролираат туристичките толпи. Дубровник затоа повеќе не сака да биде главен град на Вестерос.