Во почетокот на седмата деценија на минатиот век се појавува и се развива еден неверојатен феномен, ноќните клубови што популарно се наречени дискоклубови. Тоа се космополитски и модерни места каде што младите ги поминуваат ноќите и слушаат дискомузика. Инаку, дискоклубовите се француски изум и првата дискотека, „Ла дискотек“ е отворена во 1941 во Париз. Од практични причини сопствениците на клубовите не можеле да изнајмуваат џез и блуз-музичари, па започнале да пуштаат музика на плочи. По завршувањето на Втората светска војна, идејата за дискоклубовите се шири како дискотреска низ САД и Европа. Музичката база на дискомузиката е инспирирана од латино, соул и фанк-музиката. Младите многу брзо ја прифаќале и играле на неа, бидејќи им носела елеганција и софистицираност за да изгледаат импресивно на подиумот за играње. Главно обележје на дискомузиката бил константниот, правилен ритам на ударите на бас-педалот на тапанот, а секако и брзото темпо и доминантно инструменталниот дел, со едноставен певлив рефрен.
Во дискомузиката има многу афролатино-перкусии при што постојано се користи класичниот дискоритам. Најголема музичка ѕвезда и икона на овој вид музика е Дона Самер, која од сите љубители на дискоритмите е нарекувана кралица на дискомузиката. Таа е пејачка и текстописец од САД, која своите ѕвездени моменти ги доживеа во 1970-тите години, кога нејзините музички хитови беа број еден во светот, со кои ја одбележаа дискоерата во историјата на музиката. Дона Самер беше и остана супердива и вистинска суперѕвезда на дискомузиката. Нејзиниот вокал, полн со еротски набој, комбиниран со песните на Џорџо Мородер со звуци на синтисајзер во тоа време станаа огромен хит. Тоа спојување на нејзиниот ангелски глас со звуците од синтисајзерот на Мородер, резултира со уникатна музика во чие средиште секогаш беше нејзиниот заводлив, сексапилен и незаборавен глас. Најдобар доказ за ова е најмоќната од сите нејзини песни, „I Feel Love“, музички мегахит, кој дискомузиката ја одведе во електронска насока.
Дона Самер е родена под името Ла Дона Едријан Гејнс на 31 декември 1948 година во Бостон, Масачусетс, од татко Ендру Гејнс, по занимање месар и мајка Мери, наставничка. За неа велат дека уште кога научила да зборува, почнала и да пее. Што би рекле, родена за да пее. Нејзиниот прв јавен настап се случил во црква, кога таа имала 10 години, заменувајќи го вокалистот, кој не се појавил на неделната црковна миса. Таа испеала една песна и сите присутни нејзиниот настап го оцениле како спектакуларен, најмногу поради нејзиниот неверојатно моќен и убав глас. По завршувањето на средното училиште, во 1967 година, Дона Самер заминува во Њуjорк каде што му се приклучила на блуз-рок бендот „Блек Кроу“. По кратко време се пријавила на аудиција за мјузиклот „Коса“, но, не добила ниту една улога. Подоцна заминува за Минхен, Германија, каде што учествувала во повеќе мјузикли. Во Германија успева да научи течно да зборува германски при што упорно се обидувала да ја сними првата плоча. Тоа ѝ поаѓа од рака 1974 година, кога го снима првиот соло-албум, „Lady of the Night“. Овој албум бил наменет само за европскиот пазар, а најголем хит од него се покажала песната, „The hostage“. Во 1975 година ги запознава продуцентите Џорџо Мородер и Питер Белот со кои заедно ја снимила дисконумерата, „Love to love You Baby“. Oригиналната верзија на оваа музичка нумера траела неверојатни 17 минути и благодарејќи на нејзиниот сензуален и заводлив глас изгледаше многу привлечна и сугестивна, така што прекуноќ стана светски хит.
Следната година следуваат уште два фантастични албума, „I remember yesterday“ и „One upon a time“, со кои исто така постигнува неверојатно голем успех. Од овие два концептуални албуми најголем хит ќе биде легендарната „I Feel Love“, која ги освојува првите места на сите светски топ-листи. Дискодивата го достигнува врвот во својата музичка кариера кога во 1979 година го издава албумот „Bad Girls“. Со него таа остварува глобален планетарен успех, а хитовите од него „Hot Stuff“, „Dim All The Lights“ и „Bad Girls“ ги паметиме и денес, веќе како култни и легендарни дисконумери на оваа музичка дива. Со овие хитови таа ги освојува првите места на светските топ-листи, освојува награди „греми“ и е прогласена за најдобар женски рок-изведувач.
Сите овие музички нумери и денес кога ќе ги чуеме предизвикуваат љубовни чувства кај секого од нас, па јавноста уште одамна ја нарече Дона Самер и прва дама на љубовта.
Со право може да се каже дека Дона Самер, во соработка о продуцентот Џорџо Мородер, го променила лицето на модерната музика. И денес важи за вистинска икона на диско и денс-музиката. Таа е основниот дефинирачки глас на таа ера, но и музички уметник со големо влијание врз поп-артистите од Мадона, преку Агилира, до Ријана и Бјонсе. Таа за разлика од другите ѕвезди на дискомузиката, се издигна над жанрот (диско и денс-музика) и успеа да му се придружи на поп-рок звукот. Како прва дама и неприкосновена кралица на дискомузиката е почитувана од колегите во шоу-бизнисот: Лајза Минели ја нарекува кралицата на диското; за Доли Партон е еден од најголемите гласови на сите времиња; Барбара Стрејсенд ги истакнува нејзиниот неверојатен глас и голем талент; за Квинси Џонс, пак, нејзиниот глас е отчукување на срцето и саундтрак на една генерација; Бјонсе вели дека длабоката страст во нејзиниот глас и нејзиниот беспрекорен вокален талент се единствени; а за Глорија Гејнор таа е убава дама и човечко суштество со уникатен глас. Благодарејќи на талентот што го поседуваше, гласот што ја одликуваше и страста што ја изразуваше при пеењето Дона Самер во кариерата продаде 140 милиони плочи, таа е петкратна добитничка на „греми“, и во 2013 година е примена во Рокенрол-куќата на славните.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)