Според податоците на Центарот за контрола и превенција на болести, срцевите заболувања се водечка причина за смртноста во САД, но и на глобално ниво. Поради тоа лекарите препорачуваат специјална исхрана што помага за намалување на ризикот од коронарни срцеви болести и од кардиоваскуларни болести. Утврдено е дека оние што јадат повеќе зеленчук, особено домат, за 20 отсто го намалуваат ризикот од срцеви заболувања. Доматот е богат со антиоксидантот ликопен, за кој е утврдено дека ја подобрува васкуларната функција.
Замената на путерот со маслиново масло исто така е многу корисна, а доколку јадете по две порции зеленчук на ден, ќе имате дури за 34 проценти помал ризик од смрт од болести на срцето, при што зелениот зеленчук и доматот даваат најдобри резултати. И намалувањето на јадењето месо на двапати неделно исто така може многу да помогне. Особено црвеното месо носи голем ризик, па затоа заменете го со друг извор на протеини што се здрави за срцето, како риба, пилешко, печурки… И алкохолот и пушењето лошо влијаат на работата на срцето, па потрудете се да се ослободите од овие пороци.