Популарната телевизиска серија „Игра на троновите“ се подготвува за својата финална, осма сезона. Глумицата Мејси Вилијамс, која ја игра улогата на Арија Старк, навести што би можело да се очекува во последната сезона, во интервју за телевизијата Скај њуз, посочувајќи дека сите обожаватели веројатно нема да бидат задоволни.
– Не верувам дека сите ќе бидат задоволни. Никој од нас не сака „Игра на троновите“ да заврши, но јас сум навистина горда на завршната сезона. Ќе биде навистина чудно откако еднаш драмата ќе заврши и секој ден сум се поблиску до тоа „Игра на троновите“ да не биде повеќе дел од мојот секојдневен живот – кажа актерката.
Вилијамс не е единствената која посочи на тоа дека крајот на серијата нема да ги задоволи обожавателите. Во септември минатата година, Софи Тарнер, која ја игра улогата на Санса Старк, сестрата на Арија, изјави дека обожавателите нема да уживаат толку во крајот, колку што уживале актерите.
– Беше навистина задоволство за сите карактери и за сите нивни приказни одделно и навистина се забавувавме снимајќи. Но тоа не значи дека и обожавателите ќе бидат задоволни од начинот на кој драмата завршува – објасни Тарнер.
„Игра на троновите“ чија премиера на ХБО ја имаше во април 2011 година, е базирана на серијалот книги „Песна за мразот и оганот“ на Џорџ Р.Р. Мартин. Во приказната се претставени моќни семејства кои се борат за контрола и превласт на Седумте кралства на Вестерос. ХБО адаптацијата на мрачната фантастична серија бргу доби големи пофалби од гледачите и од критичарите.
ХБО на обожавателите им открија дека осмата, последна сезона ќе има шест епизоди, најмалку во однос на претходните сезони. Во интервју за „Ентертејнмент викли“ од минатиот ноември, извршниот продуцент Брајан Когман даде детали за последната сезона.
– Се работи за сите оние различни херои кои ќе дојдат заедно за да се соочат со заедничкиот непријател, ќе се соочат со своето минато и ќе мораат да дефинираат кои се, и кои сакаат да бидат, кога ќе се соочат со сигурната смрт. Ова е многу емотивна, прогонувачка последна сезона и мислам дека навистина му оддава почит на делото на авторот Џорџ Р. Р. Мартин – изјави Когман во интервјуто.
Последната, осма сезона на „Игра на троновите“ започнува со емитување на 14-ти април на ХБО. В.Т.