Во прилог се најдобрите документарци или серијали што нѐ учат како да живееме поедноставно а поисполнето, затоа што одржливиот начин на живот е најдобар избор за себе и за околината. Некои доловуваат практични совети за секој ден, а некои ќе нѐ натераат да го преиспитаме својот начин на живот.

Минимализам
Еден од најпопуларните документарни филмови што промовираат чист начин на живот е „Минимализам: За важните работи“. Излезе во 2015-та и почна нов бран кон минималистичкиот начин на живот. Филмот го истражува концептот на минимализам и зошто би требало да го воведеме во нашиот живот и да го вклопиме во начинот на живот. Паралелно се поврзува со консумеризмот и глобалната култура, која има лоши последици по околината. Документарецот се обидува да открие што е тоа во човечката психа што нѐ тера материјалното да ни значи повеќе од што било. Исто така, допира и до психолошките последици што ги остава таквата стресна состојба, опседната со консумеризам.

Организирајте се со домашно уредување
Серијалот за организација на просторот за живеење е најнов во низата. Тој ги следи Клиу Ширер и Јоана Теплин, експерти што се занимаваат со организација и преуредување, па дури и со чистење на просторот. Во серијалот тие соработуваат со разни луѓе и познати личности, како Рис Витерспун, Ева Лонгорија и Клои Кардашијан, а светот полуде по нивните трикови за организацијата. „Хоум едит“ се разликува од другите документарни филмови и серии од оваа листа по тоа што е покомерцијален, создаден за надуеност, но советите што можете да ги украдете, секако, може да ви помогнат да се чувствувате пријатно и опуштено во вашиот животен простор, особено сега, кога сме најмногу дома.

Уредување со Мари Кондо
Мари Кондо е една од најпознатите консултантки за внатрешен дизајн. Авторката на популарниот метод „КонМари“ има своја серија на Нетфликс, во која преку неколку епизоди ги презентира своите методи за чистење на просторот и за начинот на сортирање предмети, а открива и зошто донирањето е одличен, одржлив и хуманитарен чин. Покрај средувањето, Кондо се занимава и со филозофијата дека среќата е едноставна и поврзана со начинот на кој ги третираме нештата – дали се приврзуваме со одредени предмети, дали ги акумулираме, дали сфаќаме дека имањето на неколку работи што ги обожаваме се подобри од целата фиока и слично.

„Тајни хаус нејшн“
Нова генерација куќи или т.н. движење „тајни хаус“ полека го освојува светот. Тоа се заснова на минимализам и одржливост, а повеќето луѓе што се свртуваат кон оваа нова опција се стремат кон финансиска слобода, одржлива енергија и помалку штетно влијание врз животната средина. Нетфликс ја прикажа документарната серија „Тајни хаус нејшн“ (Tiny House Nation). Забавна и лесна за гледање, а истовремено нè тера да преиспитаме дали ни требаат огромните и скапи работи што ги чуваме дома.

„Среќа“
Во 2011 година, режисерот Роко Белиќ се обиде да најде одговор на прашањето што значи да се биде среќен. Инспириран од написот во „Њујорк тајмс“, кој откри дека САД се на 23-то место кога станува збор за среќа, режисерот и неговиот тим се обидоа да користат научни факти и човечки приказни низ светот за да откријат што значи среќа, која нема никаква врска со материјалното богатство. Низ целиот филм, преку трогателни приказни на луѓе, тие докажуваат дека нема формула, но дека сите можеме да ги направиме нашите животи поисполнети и среќни. Белиќ патувал во стотици земји и разговарал со научниците за концептот на среќа, но и со многу обични луѓе, како жители на домови за стари лица во Кина, рибари, семејства што живеат во т.н. заедници и слично.