Томислав Георгиев, фотограф
Поборник сум на тезата дека секаде и на кој било настан има добра ситуација и може да се направи добра фотографија, вели Георгиев
Првпат на манифестацијата Денови на македонската фотографија ќе се оценува и документарната фотографија, а во жирито е фотографот и фоторепортер Томислав Георгиев, повеќекратно наградуван, предавач е на Факултетот за журналистика и јавни комуникации. Неговите фотографии се објавувани во престижните „Ле монд“, „Сандеј тајм“, Си-ен-ен, „Њујорк тајмс“ и многу други. Има учествувано на повеќе групни изложби.
Колку е развиена кај нас документарната фотографија?
– За жал, таа кај нас е на елементарно ниво, слободно можам да кажам во споредба со сите земји во регионот, дека овој дел во фотографијата е најнеразвиен.
Со кои зборови ги опишувате овој тип фотографии?
– Не сакам да користам конкретна дефиниција за документарна фотографија, ама во принцип тоа е врвот на фотоновинарството. Иако на пример и уметничката фотографијата инкорпорира документарни елементи, така што сѐ помалку има јасна дистинкција меѓу стиловите во фотографијата. Тоа е естетски софистицирано, визуелно раскажување приказни, кои остануваат како документ за едно време како моќно сведоштво што никогаш нема да се повтори и го тера консументот да научи или да изведе некаков свој заклучок или став на одредена тема или процес во општеството.
Секојдневно создавам документарна фотографија, затоа што и уличната фотографија е тоа, иако морам да признам дека сѐ уште не сум го завршил последниот проект, кој треба да излезе како книга.
Што треба да содржи документарната фотографија? Што ќе се бара од кандидатите на конкурсот?
– Документарната фотографија е многу моќна затоа што е сведоштво на гледач (фотограф) што не би требало да ја узурпира или да биде инволвиран во дадената ситуација. Доволно блиску ама сепак на дистанца за преку своја перспектива и естетски пристап да го документира моментот. Од кандидатите на конкурсот ќе се очекува оригиналност и силен естетски израз.
Каква е разликата меѓу документарната и фоторепортерската фотографија, ако се има предвид дека и двете се посветени на изложување на вистината и нејзино споделување со светот?
– Има неколку пристапи во документарната фотографија ако треба да се прави споредба со дневното новинарство. Во принцип имате новинарски онлајн-агенции кај кои брзината е императив, особено во ова време на премногу брзи информации. Додека конкретната документарна фотографија зборува за цел еден процес на нејзино креирање што неретко трае со години.
Што најчесто го привлекува вашето фотографско око?
– Поборник сум на тезата дека секаде и на кој било настан има добра ситуација и може да се направи добра фотографија. Фотографијата е уметност на опсервација, можност да пронајдеш естетика во најобична ситуација, и фантастична моќ за испраќање порака. Во овој контекст би го цитирал Енди Ворхол, кој рекол: „Најдоброто нешто е тоа што фотографијата никогаш не се менува, дури ни тогаш кога луѓето што се фотографирани се менуваат“.