Разочаран сум дека можеби на секунда помислив дека токму оваа криза ќе нѐ сплоти во едно. Дека некој ќе каже „ова лето работам само со наши бендови како гест на солидарност“, но нема такви, вели Георги Гавровски
За да те почитуваат треба и ти самиот да се почитуваш, велат старите. Но очигледно кај нас, веќе долго време не е така во сите области, а во последниве неколку години тоа непочитување е сѐ поочигледно на македонската музичка сцена. Постојано се даваат големи суми на пари за носење на пејачи од регионот, а нашите интерпретатори се туркаат на страна. Па и ако се ангажираат за некои концерти на разноразни општински манфестации, се разбира платени од државни пари, нивните хонорари не можат да се споредат со оние што ги добиваат странските пејачи и групи. За некаков реципроцитет не може да стане ни збор, бидејќи во споредба со стотина „ѕвезди“ кои доаѓаат кај нас редовно и ги полнат салите, ние имаме едвај два-тројца артисти кои одржуваат концерти надвор од нашите граници.
По неколкуте посни месеци поради пандемијата на коронавирусот, сите, па и музичарите, се надеваа дека работите ќе тргнат на подобро и по принципот купувајте македонско, ќе биде актуелна и паролата „слушајте македонско“, а тие конечно ќе имаат работа. Но за жал, не е така.
Неодамна се крена прашина поради идејата српскиот пејач Жељко Јосимовиќ со симфониски оркеастар да настапи на годинашното „Охриско лето“, што, за среќа, брзо беше откажано, а еве сега нов скандал, Охрид ги отвора летните сцени за турбофолк ѕведи и ѕведички, меѓу кои најголема несомнено е Аца Лукас. Иако тој самиот на својот инстаграм-профил потоа рече дека концертот нема да се одржи, реакциите на домашната јавност и на домашните музичари, пејачи и автори со право беа бурни. Еве некои од нив:
Петар Младеновски, лидерот на „Суперхикс“: Среќа беа донесени протоколи за музички настани за во Охрид периодот од 28 јули до кај 4 август да биде ангажирана добар дел од македонската сцената со артисти како: Аца, Сандра Африка, Бебек, Грашо, Дарко Лазиќ, Рундек, Теодора Џехверовиќ, Девито… Поголем срам и дно, од тоа, во коронални услови какви што преживуваме да ангажираш со буџетски средства кои сите ги плаќаме, полутурбофолк артист од друга земја додека 90 отсто од поп, рок, фолк сцената седи дома полни четири месеца без никаков ангажман (законски ограничувања за настапи и слично) – нема! Да се надеваме дека Формирањето на Здружението на музичари (ЗУМ), кое е во процес ќе ги смени нешата на подобро.
Владимир Блажев (Панчо од „ДНК“): Искрено, мислам дека не се виновни Аца Лукас и ред други што доаѓаат тука. И мене да ме викнат во регионот ќе отидам, како и ред други. Зашто сите ние кои живееме од ова, работиме за пари. Да состојбата е такава каква е, македонските артисти немаат приходи, нема свирки, но не можеш да им забрануваш на луѓето и да им кажуваш каде да одат и што да слушаат. Треба да се солидарни и промотерите заради нас македонските артисти, кои во моментот немаме работа, но сите сме свесни, колку и да сакаме да го негираме тоа, турбофолк артистите многу повеќе заработуваат од сите. Не ги бранам, далеку од тоа, тоа не е мој стил на музика, но треба да има место за сите, публиката избира, но, го сфаќам и револтот кај многуте македонски артисти и уметници, меѓу кои сум и јас.
Георги Гавровски (Гого Реквием): Што да кажам, дека е жално сѐ што ни се случува, тоа е сигурно. Дали сум изненаден? Секако дека не, па секоја година истото се случува низ Македонија. Но дека сум крајно разочаран, тоа да. Кризата предизвикана од коронавирусот ги погоди сите гранки на општеството па така и нашата. Музичките настани „не се дозволени“ во кафулиња, ресторани, а во исто време концертите – да. Која е логиката? Разочаран сум дека можеби на секунда помислив дека токму оваа криза ќе нѐ сплоти во едно. Дека некој ќе каже „ова лето работам само со наши бендови како гест на солидарност“. Не, нема такви, бидејќи се работи за бизнис. И како и на запад и во целиот свет, во бизнисот нема милост.
Кристина Петровски Арнаудова: Ние реално заслужуваме ли да имаме држава? Бидејќи не можам да забележам дека сакаме што било македонско. Додека македонските артисти седат дома и немаат ни за леб пет месеци, вие крш правите со комшиски. Барем да се некои. Од држава на „Леб и Сол“ станавме држава на сељачишта. Ова е јасна тенденција која од година во година е сѐ полоша. Ако ова не се регулира со закон ви гарантирам дека за 10 години ќе нема ни култура, музика, уметност. Овојпат реагирам во име на сите мои врвни колеги.
Дани Димитровска: Законски, народните пари треба да си останат во државата, ем обрт од свој за свој, ем поттик на домашната сцена, а надвор од тоа секако, нека си носат од надвор кој сакаат, но тоа би морало да подлежи на данок. Онаков данок каков ни одземаат од хонорарот кога свириме надвор.
Виктор Апостоловски: Реално, ова не е нов проблем! Ова е нешто што се случува минимум една деценија наназад, а веројатно и подолго. Ние како народ, една од работите од кои страдаме е незнаењето да се сакаме и поддржуваме меѓу себе. Никогаш никој не го поддржува она што е наше! Постојано туѓото ни било попримамливо. И тоа не важи само за музичката сцена, туку за сите професии и случувања во нашиот живот. И сметам дека таквиот начин на однесување на нас како народ, е една од главните причини зошто државата ни стагнира на сите полиња, да не речам, оди наназад наместо напред. Патриотизам не е да се чукаш во гради за партија. Патриотизам е да си ја сакаш земјата, народот и сѐ што тој народ создава! Ни недостасува љубов. Не се сакаме доволно како народ. Не се поддржуваме. Не сме екипа. Не сме тимски играчи. Затоа и владеат странските артисти. Во сите земји околу нас, луѓето си го почитуваат нивното повеќе од туѓото, само ние го почитуваме туѓото повеќе од нашето! И тоа кажува доволно… За жал.
Тошо Филиповски, поддржувач и хроничар на македонската музичка сцена: Ќе ги „убедиме“ ли промотерите/организаторите дека домашната музика има квалитет но истиот треба да биде препознаен од нив, со посредство на медиумите, не како сега, со нивно игнорирање. Публиката, за која сите се борите, се создава, се негува, не доаѓа сама од себе. Борбата за подостоинствена и самоодржлива македонската сцена, мора и овој термин поправилно да се дефинира, не смее да подразбира битка со ветерници на само неколку ентузијасти, туку организиран настап на сите кои се засегнати од овој пандемски проблем и музичари. Притоа важно е да се потенцира на сите музичари, а не некои и понатаму мудро да молчат, и промотери, и тур-менаџери, и новинари, и издавачи, и културни работници и саунд инженери и светло мајстори. Битката со увозниот, но и домашниот невкус, треба да се интензивира и пренасочи на неколку нивоа, да се реши проблемот еднаш засекогаш!