„Лајбах“

Шестото издание на музичката ПИН-конференција почнува денеска во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на 21-от фестивал „Таксират“, со дневна и ноќна програма. Според организаторите, МКЦ овие два дена ќе биде збирно место на стотина значајни делегати и говорници од музичката индустрија во Европа. Во рамките на музичкиот дел на конференцијата ќе настапат млади музички имиња од домашната и европската музичка сцена.

Дневната панел-програма на конференцијата е особено атрактивна, бидејќи на едно место ќе се соберат голем број музички промотори, менаџери, агенти и продуценти, кои во дискусиите ќе ги опфатат прашањата поврзани со културата и правецот во кој се движи музичката индустрија денес.

Во 17 часот ќе се одржи македонскиот панел, насловен „Излажи ме“, а на средбата со градскиот татко Петре Шилегов ќе може да се слушнат во живо старо-новите идеи на еден урбан град, за нови културни центри, за Скопје: град на културата, за транспарентна распределба на средствата, за локали-простори за творење од сите области на културата за стотици млади, за промоција на градот како европски урбан центар.

Модератор на дискусијата е Васил Ѓуроски, а освен Шилегов, ќе учествуваат и: Теодора Василевиќ, Костадин Шурбановски, Симона Димковска и Небојша Вилиќ. На 29 ноември напладне ќе се одржи панелот насловен „Новиот музички речник“, модератор е Ида Престнер, а говорници: Бранко Комљеновиќ, Кристоф Тун, Катарина Хитричова и Едо Плованиќ.

Организаторите се надеваат дека интерес кај посетителите ќе предизвикаат и панелите за групата „Лајбах“, за хонорарите на уметниците, за добивање шанса за настап надвор од границите на земјата, за новите јутјуб-генерации, за 40-годишното траење на фондацијата „ГЛП“… Главната вечер на „Таксират 21“ ќе се одржи на 7 декември во СЦ „Борис Трајковски“, каде што на три бини и во рок од десет часа ќе настапат 15 изведувачи, а на 8 декември, во СЦ „Борис Трајковски“, Свен Ват ќе го затвори 21-то фестивалско издание.