Дел од накитот и дијамантите на руското благородништво, кои биле изнесени од земјата за време на револуцијата од 1917 година, ќе бидат објавени на аукција следната недела во Женева, со цел да најдат нов сопственик со длабоки џебови, пренесува „Си-ен-ен“.
Прстен со портокалово-розов дијамант од 25,62 карати, чија вредност се проценува од 3,9 до 5,9 милиони долари, е главната „ѕвезда“ на аукцијата која на 10 ноември ќе биде отворена во аукциската куќа „Сотбис“.
– Пазарот сега е многу динамичен и луѓето по пандемијата се доста заинтересирани да купат накит, односно нешто опипливо во што би можеле да уживаат – изјави за „Ројтерс“ Оливиер Вагнер, експерт за накит во „Сотбис“.
Накитот потекнува од приватната колекција на големата војвотка Марија Павловна, тетката на последниот руски император Николај Втори. Сетот сочинет од брош и обетки, заедно со другиот дијамантски накит бил доверен на британскиот дипломат Алберт Хенри Стопфорд. Тој бил пријател на Павловна, кој го однел накитот на чување во Лондон.
Самата Павловна ја избегнала револуцијата во Русија и пребегнала во Франција, каде што починала во 1920 година. Сега, нејзиниот брош и обетки се ставени на аукција од страна на богато семејство кое го купило сетот во 2009 година.
„Сотбис“ ја прошири луксузната недела со аукцијата „Мода низ времето“, онлајн-продажба наменета за млади колекционери, на која може да се најдат чантите на филмските ѕвезди Грејс Кели и Џејн Биркин, како и патики на покојната НБА-ѕвезда, Коби Брајант.