Во швајцарскиот град Лозана, наместо да си играат со играчки, десетици деца од претшколска возраст уфрлуваат ливчиња во гласачка кутија.
Тие се дел од проектот на три приватни градинки во Лозана, кој има за цел да ги подготви децата за учество во позната директна демократија на Швајцарија, која вклучува одржување на референдуми за најразлични прашања на неколку месеци.
– Идејата е децата да учат за демократија – вели Оливие Деламаделен, шефот на групата „Едукалис“ која раководи со градинките, пренесува „Франс прес“.
Овој проект се разликува од други слични во Швајцарија по тоа што учествуваат мали деца. Еднаш неделно група од 35 деца на три и четиригодишна возраст се собираат во т.н. „село“, во блиската шума во предградието на Лозана. Децата притоа играат и различни улоги, како шеф на селото, медицински сестри и полицајци.
Според Деламаделен, децата многу сериозно ги сфаќаат овие игри. Тие го поминуваат времето надвор, без разлика на временските прилики.
На гласањата избираат помеѓу едноставни работи, како два различни дизајна, но и за тоа добиваат избирачки материјал идентичен на оној со кој гласаат возрасните.
Идејата е на децата да им се покаже како гласањето „може да влијае врз нивните секојдневни животи и како тие притоа можат да станат учесници во него“, вели воспитувачката Ив Л‘Еплатение.