Промовирана „Патека од кикиритки“ од Ана Аврамоска Сиљаноска
Новата книга за деца „Патека од кикиритки“ од авторката Ана Аврамоска Сиљаноска беше промовирана завчеравечер во книжарницата „Литература.мк“, на улицата Македонија. Промоцијата беше проследена со читање неколку раскази и дискусија со публиката. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, содржи 14 кратки раскази наменети за деца од предучилишна и рана училишна возраст.
– „Патека од кикиритки“ е мое прво објавено дело и особено ми е драго што е книга за деца. Тие се најблагородната публика, но истовремено и најострите критичари. Се надевам дека книгата ќе го издржи тестот на времето и дека во расказите ќе уживаат и децата и возрасните. Главната инспирација за книгата ми беа Тара и Јан, две златокоси сонциња, едното во здолниште, другото во панталончиња. Пишувањето за мене е еден од многуте начини на кои може да се изрази некој што има творечки порив. Пишувам од мала, но тоа ретко кога било насочено, плански и системски. Но овој пат, со „Патека од кикиритки“, целта беше јасна, и на најмладите и на повозрасните уживатели во пишаниот збор да им се понудат приказни во кои тие истовремено и ќе уживаат и ќе најдат некаква смисла, која ќе поттикне некоја од доблестите својствени за нас луѓето, но кои, за жал, како сè почесто да ги ставаме под тепих – рече Аврамоска Сиљаноска на промоцијата.
Приказните во оваа книга се случуваат во едно мало скришно и магично место за кое не чул речиси никој, а уште помалку се оние што го имаат видено.
Во освртот кон книгата рецензентот Томислав Османли истакнува: „Омвил е место на слатки парадокси; тој е ’најсончевата точка на Земјината топка‘, каде што ’сонцето си сјае и си грее дури и кога врне‘. Тој е имагинарен простор во којшто дури и градот Сивоград носи значења на модерен и непримерен, а сепак омилен простор, кој, како впрочем и сè во оваа детска збирка на разиграни фантазии, подлежи на поправање и на подобрување. Така, во Омвил пред сè живее добрата надеж.“
Ана Аврамоска Сиљаноска е родена во 1989 година во Кичево. Покрај формалното образование, уште од најрана возраст покажува наклоност кон уметничкото изразување низ многу различни медиуми, а најмногу низ визуелните и наративните.
Зад себе има неколку групни и четири самостојни изложби на уметнички фотографии во земјата и во странство и голем број мултидисциплинарни соработки со многу уметници во светот во најразлични визуелни формати. „Патека од кикиритки“ е прва нејзина самостојна книга.