За бегство од реалноста

Бајковидните глетки никогаш никого не го оставаат рамнодушен, па така е и со магичните филмови што прикажуваат некои од најпознатите приказни за деца. Филмовите што ги претставуваме во продолжение нема да ги привлечат пред екраните само најмладите туку и целото семејство. Освен тоа, со нивното гледање малку ќе здивнете од негативните вести со кои континуирано сме бомбардирани периодов.
Било да се во прашање безвременски бајки, кои и родителите ги паметат од своите детски денови, а ги слушнале од нивните родители и сега им ги пренесуваат на своите деца и внуци, или сосема нови приказни, кои ги воодушевија помладите генерации, овие филмски стории ќе им овозможат двочасовно уживање на сите членови на семејството.

„Лего-филм“

Првиот долгометражен „Лего-филм“ го следи Емет, обична, послушна, совршено просечна мини-фигура лего, која по грешка ја идентификуваат како најчудесна личност (главниот градител) и која станува клуч за спас на светот. Тој одеднаш се наоѓа во група странци, меѓу кои е и стариот мистик Лего Бетмен, кој има епска мисија, да го спречи злобниот тиранин да го уништи космосот, па почнува патувањето за кое Емет е безнадежно и урнебесно неподготвен. Сега судбината на светот е во неговите мали жолти раце. Вклучувајќи некои од најпопуларните лего-фигури и претставувајќи некои сосема нови ликови, „Лего-филм“ ги повикува обожавателите да го доживеат единствениот лего-свет каков што не сме го виделе досега. Подгответе се, ова е најдобро склопениот филм на светот!

„Лего-филм 2“

По пет години, снимено е и второто продолжение на „Лего-филм“. Сега се заканува Лего Двојно, освојувач на вселената, кој уништува сѐ, побрзо отколку што може да се обнови. Битката за пораз на освојувачот и за враќање на хармонијата ќе ги одведе Емет, Луси, Бетмен и неговите пријатели во далечниот неистражен свет, исполнет со фантастични планети, чудни ликови и заразни нови песни. Ќе ги тестира нивната храброст, креативност и вештините на градежните мајстори и ќе открие колку се навистина посебни.

„Чудесен парк“

Хероина на оваа приказна е инвентивното девојче Џун, кое доаѓа до неверојатно откритие – забавниот парк од нејзините соништа станува реалност. Полн е со најлуди возења, а во забавата главни се животните. Токму затоа во овој парк секогаш е возбудливо, ама се случува неволја и Џун и нејзиниот тим почнуваат незаборавно патување за да го спасат паркот. Во комбинација со постојана акција и смешни сцени, „Чудесен парк“ е возење во кое ќе ужива целото семејство. Оваа приказна ќе нѐ потсети дека никогаш не смееме да го заборавиме својот чудесен парк, дури ни кога ќе пораснеме.

„Приказна за делфинот“

Инспириран од чудесен вистинит настан, „Приказна за делфинот“ е семеен филм за Винтер, млада женка делфин, која ја губи опашката во стапица за ракови, и Соер, интровертен 11-годишник, кој се спријателува со неа. Кога првпат ќе го види спасениот делфин во аквариумот „Марина – чиста вода“, рехабилитациски центар каде што тој живее, Соер (Натан Гембл) ги активира своите пријатели и семејството да ја спасат Винтер. Тие го убедуваат лекарот во пензија (оскаровецот Морган Фриман) да направи единствена протеза, со која делфинот ќе може да плива. Во оваа инспиративна семејна драма, Хари Кони Јуниор глуми морски биолог што го спасил делфинот, додека Ешли Џуд ја игра мајката на момчето.
„Дамбо“

Ако се определите за Дизниевиот анимиран класик од 1941-та или играната верзија во режија на Тим Бартон од 2019 г., ќе уживате во незаборавната приказна во која се слават различностите и се цени семејството, а соништата летаат. Во Бартоновата верзија на оваа авантура, сопственикот на циркусот Макс Медичи ги ангажира бившата ѕвезда Холт Фериер и неговите деца да се грижат за младенче на слон, со преголеми уши, поради што сите го исмеваат во циркусот, кој и без тоа има големи проблеми. Но кога ќе откријат дека Дамбо може да лета, циркусот доживува неверојатна слава. Тоа ќе го привлече бизнисменот В.А. Вандевер да го купи слончето за својот нов забавен парк „Дримленд“. Дамбо полетува во нови височини, заедно со шармантната и спектакуларна акробатка Колет – сѐ додека Холт не дознае дека под закрилата на „Дримленд“ се кријат мрачни тајни…

„Приказни за добра ноќ“

Во оваа комедија Адам Сендлер го глуми Скитер Бронсон, кој ги чува децата на сестра му. Неговата фантазија создава сѐ поневеројатни приказни за лека ноќ,а во нив тој секогаш има улога на херој. Децата како маѓепсани ги додаваат своите идеи на овие бајки за јунаштвото и храброста. Но тогаш се случува магија. Ноќните фантазии стануваат јаве и ги носат и Скитер и децата во реална авантура со среќен крај.

„Избавител“

Од креативната работилница на оскаровецот творец на филмовите „Приказни за играчките“, „Чудовиштата од плакарот“ и „Во потрага по Немо“, доаѓа приказната за едно американско семејство што доживува вистинска драма. Филмот „Избавител“ ги следи авантурите на некогашни суперхерои што повторно ги откриваат своите моќи. По 15-годишна пауза, иако со сменет идентитет, избавителот Боб и неговата сопруга живеат во предградие, како обични смртници со своите деца, кои многу се трудат да изгледаат „нормално“. Иако е вработен во една осигурителна агенција, на Боб му е здодевно и сонува за акција. Тоа се случува кога мистериозен соговорник го кани на еден оддалечен остров и му дава тајна задача…

„Маѓепсана“

Лошата кралица (Сузан Сарандон) ја протерува од замокот прекрасната принцеза Жизел (Еми Адамс), но и од нејзината магична, ведра и со музика богата земја, и таа одеднаш се наоѓа среде мешаницата на Менхетн, во Њујорк. Шокирана од новото опкружување, кое нема врска со нејзиниот дотогашен живот, Жизел бара начин да преживее. Таа дури и се вљубува во младиот адвокат, чија специјалност се разводи (Патрик Демпси), кој ѝ помага. Но таа веќе е свршена за принц (Џејмс Мерсден). Поради оваа дилема таа се прашува може ли љубовта како од бајка да преживее во реалниот свет?

„Херкул“

Неверојатно забавна одисеја ќе видите во урнебесниот хит-филм „Херкул“. Земен од боговите уште како бебе и посвоен на Земјата, Херкул станува несмасен тинејџер, кој израснува во вистински џин. Обидувајќи се да се вклопи, открива дека негов татко е Зевс, а татковина му е планината Олимп, доколку успее да стане вистински јунак. Тој се здружува со пријателот од детството, летачкиот коњ Пегаз и со Фил, ведриот личен тренер. Пред него е тешка задача, мора да се бори со грчката убавица Мег и со смешниот тврдоглав Пекол. Со помош на Болката и Паниката, тој планира да завладее со вселената, но на неговиот пат ќе застане Херкул…

„Аладин“

Како и во случајот на „Дамбо“, на Ејч-би-о гоу е достапна и оригиналната анимирана верзија на „Аладин“, како и играниот филм во режија на Гај Ричи, возбудлива приказна за шармантниот Аладин (Мен Масуд), за убавата принцеза Јасмина (Наоми Скот) и духот од волшебната ламба (Вил Смит), кој е клучот за неговата иднина.