Со секој нов ден на епидемијата се јавуваат десетици нови прашања за коронавирусот. Луѓето се уплашени и загрижени, а пандемијата постојано го побива она што мислевме дека го знаеме за неа и нѐ става во недоумица.
Нудиме одговори на 10-те најчести прашања што си ги поставуваме периодов.
1. Може ли централниот клима-уред да го шири вирусот на јавни места?
– Технички може, но не се смета дека системите за греење, вентилација и климатизација претставуваат значаен фактор во ширењето на коронавирусот. Голем број модерни клима-уреди или го филтрираат или го разблажуваат вирусот.
– Вентилациските системи со високоефикасни филтри се клучни за отстранувањето на капките од воздухот – вели за Си-ен-ен истражувачот од „Харвард“ за животна средина, Џозеф Гарднер Ален.
2. Дали треба секојдневно да ги чистиме мобилните телефони?
Да, тоа е добра идеја. Според зборовите на стручњаците, би требало редовно да ги дезинфицирате мобилните телефони, со или без пандемија на коронавирус.
– Веројатно има доста микроорганизми на нив, бидејќи цело време ги држите во раце. Така што има веројатност микробите, вклучувајќи го и коронавирусот, доколку се случи да сте заразени со вирусот, да завршат на вашиот телефон – вели Марк Фиелдер, професор по медицинска миркобиологија на „Кингстон“.
3. Моите деца не сакаат да носат маска, што да правам?
– Децата се почувствителни на нови работи од возрасните – вели Кристофер Вилард, предавач по психијатрија на Медицинскиот факултет на „Харвард“.
За да ги ублажите нивните стравови од маски, обидете се да купите или да направите маски со забавен дизајн. Или, пак, самите со маркери да нацртате нешто на нив. Исто така можете да нарачате детски маски за лице со суперхерои или да им покажете на децата фотографии со нивни омилени ликови што носат маски. Важно е и да им дадете добар пример, така што и самите ќе носите маска.
4.Кога се најзаразни луѓето што се позитивни на коронавирусот?
– Луѓето можат да бидат заразени без симптоми, а всушност, иако звучи чудно, тие обично се најзаразни пред да ги развијат симптомите, ако дојде до тоа – вели д-р Сањаи Гупта за Си-ен-ен.
Лекарите го нарекуваат тоа пресимптоматски период. Значи, луѓето имаат повеќе од вирусот во тој момент во носот и во устата, што можат да го исфрлат во околината. Некои луѓе иако се заразени немаат симптоми, но можеби токму тие асимптоматските се носители на заразата.
– Кога зборувате, понекогаш малку плукате, го триете носот, ја допирате устата. Ги триете очите и тогаш допирате и други површини и тогаш го ширите вирусот доколку сте заразени – вели д-р Ане Римоин, професорка по епидемиологија на универзитетот УКЛА.
5. Дали е сигурно да одите во фитнес-сала?
Дефинитивно има мерки на претпазливост што вие и вработените во фитнес-центарот можете да ги преземете за да го намалите ризикот. Короната често се шири полесно во затворен простор, особено доколку сте таму подолго време. По еден тренинг со инструктор за фитнес и триесетина ученици без симптоми, во траење од четири часа, осуммина биле позитивни на корона, а над 100 нови случаи на корона биле пронајдени во истата сала.
6. Дали е вистина дека младите луѓе заразени со корона имаат крвни згрутчувања и мозочни удари?
Да, некои млади луѓе доживеале мозочен удар откако добиле корона.
– По сѐ изгледа вирусот предизвикува зголемено згрутчување на крвта во големите артерии, што доведува до сериозен мозочен удар. Нашиот извештај покажува седумкратно зголемување на шансите за ненадеен мозочен удар кај младите пациенти – изјави д-р Томас Оклеј, неврохирург во „Маунт Синаи хелт систем“.
Тој додава дека повеќето од овие пациенти порано немале никакви заболувања.
7. Може ли да се добие корона од пливање во езеро или во море? Колку се безбедни јавните базени?
Не треба да се грижите за водата, туку за луѓето што ве опкружуваат.
– Доколку правилно се одржува водата во базенот, таа не може да биде извор за ширење на вирусот – вели имунологот Ерин Бромаж.
Нивото на разблажениот вирус во базен или во океан не може да ја прошири инфекцијата. Но секогаш одржувајте физичка дистанца додека пливате.
8. Дали средството за чистење на рацете е еднакво ефикасно како употребата на сапун и вода?
– Да, додека користите соодветно средство и доколку го користите правилно. Тоа мора да содржи 60 проценти алкохол – вели Вилијам Шафнер, професор по превентивна медицина и заразни болести на Медицинскиот факултет на универзитетот „Вандербилт“.
И не штедете од средството, но брзо размачкајте го. Тријте ги дланките, како кога темелно ги миете рацете.
9. Како да бидете сигурни во лифт?
Најдобро е да одите по скали доколку е можно. А ако не е можно, докторката Леана Вен нуди неколку совети. Носете маска. Со влажно марамче или со ракавици притиснете го копчето и дезинфицирајте ја површината околу. Држете дистанца.
10. Може ли короната да остане во нашата коса или брада?
– Короната може да се залепи за косата – тврди д-р Давид Ароноф, директор на Одделението за заразни болести на универзитетскиот медицински центар „Вандербилт“.
Допирањето на загадената коса, а потоа и на устата, очите или носот, може да го зголеми ризикот од инфекција.