Научниците од австралискиот универзитет во Квинсленд развија универзален тест за откривање траги од рак во крвотокот на пациентите. Брзиот и евтин тест користи течност што ја менува бојата, која го открива присуството на малигни ќелии низ телото и дава резултати за само десет минути, пренесува „Гардијан“.
Тестот не открива каде се наоѓа ракот и во која фаза е. Иако е уште во развој, ваквиот тест би можел наскоро да биде достапен и во локални клиники, и да се користи за рутински прегледи.
– Голема предност на овој тест е што е едноставен, брз и евтин, а може лесно да почне да се употребува од страна на докторите – вели Лаура Караскоса, истражувачка на универзитетот во Квинсленд.
Тестот е патентиран од тим предводен од Мат Трау. Тестот работи на принцип на вода во која има нано-честички од злато кои ја прават бојата на водата розова. Откако ќе се додаде ДНК од пациент кој има рак, водата ја губи розовата боја, а ако се додаде ДНК од пациент кој не е заболен од рак, водата добива сина боја. Ова се случува поради начинот на врзување на нано-честичките злато со ДНК-та. Тестот има точност од 90 проценти, а ќе служи како почетна точка во откривањето и третманот на рак кај заболените. За овој тест не се потребни лабораториски опреми за ДНК-секвенционирање.
Во досегашните тестирања, докторите правеа биопсија на местото каде што има сомнеж дека се наоѓа туморот кај пациентите. Процедурата е инвазивна и се потпира на забележувањето грутка на телото, или ако се верува дека има некои од симптомите за дијагностирање рак. Со новиот начин на тестирање се скратува постапката, која дава одговор на прашањето дали пациентот има рак.
– Овој тест може да биде направен во комбинација со други едноставни испитувања и во иднина да стане алатка за дијагноза, која не само што ќе го открива ракот, туку ќе одреди и за каков вид и фаза во која се наоѓа – вели Караскоса.