Дензел Вашингтон и Џулија Робертс ќе глумат во семејната драма на „Нетфликс“ „Остави го светот зад себе“, базирана на најновиот роман на Руман Алам, што треба да излезе од печат во октомври, пренесува магазинот „Вараети“.
Тоа ќе биде нивни прв заеднички филм по 27 години пауза, односно од трилерот „Досието Пеликан“ режиран од Алан Џ. Пакула, според неговата адаптација на романот на Џон Гришам.
Сценарист и режисер на овој филм ќе биде Сем Есмаил, авторот на хит-серијата „Господин Робот“.
Станува збор за приказна за две семејства кои не се познаваат, но се принудени да бидат заедно на продолжен викенд поминат многу лошо. Робертс ќе ја игра мајката од семејството кое ја изнајмува куќата, а Вашингтон ќе го глуми сопственикот.
Приказната ги истражува комплексноста на родителството, расите и класната поделба, и тоа како во кризни моменти нашите најблиски врски се менуваат.