Извештај на „Волстрит џурнал“
Според извештајот на „Волстрит џурнал“, искусните мафијаши се жалат на младите членови на мафијата, затоа што се нелојални и премногу време минуваат гледајќи во своите мобилни телефони.
Како што раскажал за магазинот бившиот агент на ФБИ, Скот Куртис, наводниот водач на њујоршката криминална фамилија Коломбо, 87-годишниот Ендру Русо, бил уапсен минатиот месец, а една од причините за неговото „паѓање“ е тоа што неуспешно управувал со помладите соработници.
Според Куртис, долгогодишното раководење на Русо покажало недоверба во способноста на мафијашите на пониските нивоа.
Неколку бивши државни истражители велат дека мафијашите „милениумци“ не работат на начинот на кој се навикнале нивните постари соработници и колеги, па тоа создава проблем во организацијата.
Постарите членови на мафијата се жалат дека „милениумците“ што пораснале во предградијата, а не на улиците во градот, се помеки, поглупави и немаат кодекс на лојалност како нивните претходници. Освен тоа, секогаш „зјапаат во екраните на своите мобилни и пишуваат пораки“ – се наведува во текстот во „Волстрит џурнал“.
Токму допишувањето преку мобилните телефони е причина за апсењето на наводниот водач на семејството Коломбо. Имено, еден од неговите помлади соработници е обвинет дека испраќал заканувачки пораки додека изнудувал пари. Тоа на крајот се покажало како круцијален доказ.
– Кај нив сѐ се наоѓа во телефоните. Иако секојдневното работење на мафијата изгледа малку поинаку од работењето на остатокот на светот, проблемите во управувањето не се многу различни – изјавил еден бивш член на мафијашкото семејство.
Очигледно и тука младите членови, наречени „милениумци“, создале „ново нормално“, кое во целост се темели на дигиталната технологија.
Овој генерациски јаз е толку голем што навлегол и во подземниот свет на работење, каде што високорангираните лица, како што е Русо, се навикнати на традиционален начин на работа и поради тоа не се подготвени да ѝ ја препуштат својата моќ на помладата генерација, родена меѓу 1981 и 1996 година, за која сметаат дека нема поим за ништо и е неспособна.