Авторка: Шарлот Ален
Волстрит џурнал
„Викторијас сикрет“ годинава ја откажа модната ревија која се емитуваше за божиќните празници уште од 1995 година. Лани модното шоу го проследија само 3,3 милиони американски гледачи на каналот Еј-би-си што е помалку од регистрираните пет милиони гледачи во 2017, а врвот го достигна во 2001 година со 12,4 милиони гледачи. Откажувањето беше резултат на другите проблеми на „Викторијас сикрет“, како што се затворањето на продавници, падот во продажбата, укинувањето на познатиот каталог во 2016 година и откритијата дека Џефри Епстајн му бил финансиски советник на Лесли Векснер, 82-годишниот основач и извршен директор на матичната компанија „Л брендс“.
Модната куќа сфати дека не е во чекор со политичките и културните случувања. Ријанон Луси Кослет критикуваше во „Гардијан“ дека постои „порно естетика“ која „машкото око“ ја наметнува врз купувачите на овој бренд. Таа додаде дека „сега е задоволна што брендот им дал приоритет на удобноста и инклузивноста“. Моли Хенсон од „Биг тинк“ вели дека движењето за прифаќање на сопственото тело е причината за откажувањето на шоуто, за што таа вели дека повеќе не важи старата андроцентрична дефиницијата на зборот „секси“.
Конзервативните критичари изразија слични ставови. Медлин Фрај од „Вашингтон игземинер“ го нарече шоуто „бесрамен настан“ во организација на компанија чиј „маркетинг отсекогаш имал цел да ги задоволи само машките фантазии“.
Левицата исто така се пожали дека немало „диверзитет“ кај манекенките од „Викторијас сикрет“. Точно е дека брендот го подигна угледот со црномурестите манекенки како Наоми Кембел и Тајра Бенкс, но „нема покрупни манекенки или родово неутрални“, како што истакна Скачи Коул од „Базфид“. Директорот за маркетинг на „Л брендс“, Ед Разек, во едно интервју за ланското ноемвриско издание на „Вог“ објасни дека „шоуто е една фантазија“. Разек повеќе не работи во компанијата, а во август „Викторијас сикрет“ го ангажираше нејзиниот прв трансродов модел Викторија Сампајо.
Ова е голема промена во однос на 1977 година кога Рој Рејмонд ја основаше „Викторијас сикрет“ како рај со декор налик од бордел, каде што мажите можат да купуваат сексапилна долна облека за нивните сопруги и девојки. Неговите бизнис-планови ориентирани кон роденденски и празнични линии не можеа да ја одржат продажбата. Кога Векснер го купи брендот во 1982 година, неговиот прв чекор беше да го промени концептот на продавниците и да бидат подостапни за жените кои не можат да си дозволат да потрошат стотици долари на градник „Ла перла“, но можат да купат парчиња од тантела и сатен по средни цени.
Векснер ги продаваше своите производи со тоа што ангажираше врвни манекенки како Тајра Бенкс, Хајди Клум, Жизел Бундшен и Кендис Свонпул. Ова е „фантазијата“ за која Разек зборуваше: потрошувачите знаат дека не изгледаат како манекенки, но им беше привлечна идејата дека можат да изгледаат гламурозно. Секако тука се работеше и за „андроцентричната“ идеја за сексапил, а повеќето жени се хетеросексуални.
Убавината, пак, не е демократска. Во време на милитантна идентитетска политика, идентитетот ја замени убавината како стратегија во маркетингот. Сè поголем број на жени, кои особено се гласни на социјалните мрежи и во самите медиуми, не сакаат да бидат индиректно дел од гламурот на супермоделите како Кендал Џенер или Џиџи Хадид. Тие сакаат само да слушнат дека изгледаат подеднакво добро како Кендал и Џиџи, и на модната писта да видат модели кои изгледаат слично на нив.
Една форма на фантазијата се замени со друга. Сега во рекламирањето на женска долна облека насекаде се присутни покрупните дами и оние со несовршена фигура и тоа особено кај конкурентите на „Викторијас сикрет“ како што се „Ери“, „Трд лав“ и „Севиџ екс фенти“, линијата на пејачката Ријана. Модното шоу „Екс фенти“ беше емитувано на „Амазон прајм“ во септември и на него продефилираа родово неутрални и покрупни модели кои не се срамеа од целулитот на нозете.
Повеќе од еден век убавината полека исчезнува од западната култура, почнувајќи од ликовната уметност. Сега таа исчезнува дури и од маркетингот. Но пазарот е демократски и останува да видиме дали социјалната правда ќе може да продава долна облека.
Превод: Билјана Здравковска