Дел од огромната ракета што го лансира првиот кинески модул за вселенската станица „Тијанх“ паѓа назад на Земјата, а не е познато на која локација на планетата може да падне.
Јадрото на ракетата „Долг март 5Б“, висока 30 метри, го лансира модулот „Небесна хармонија“ во орбитата на Земјата на 29 април, пренесува „Гардијан“.
Тогаш „Долг март 5Б“ влезе во привремена орбита отворајќи можност за еден од најголемите неконтролирани влезови во атмосферата. Некои експерти стравуваат дека ракетата може да падне во населено место, а падот се очекува на 10 мај.
– Тоа потенцијално не е добро. Последен пат кога ја лансираа оваа ракета, нејзините големи метални делови летаа на небото и оштетија неколку згради на Брегот на Слоновата Коска. Повеќето изгореа, но огромни делови од металот паднаа на земја. За среќа, никој не е повреден – рече Џонатан Мекдауел, астрофизичар на Универзитетот „Харвард“.
Дел од ракетата, според американската војска, орбитира околу Земјата со брзина од речиси 27.600 километри на час на надморска височина поголема од 300 километри.