На изборот на убавина „Мис на Евроазија 2020“, што неодамна се одржа во Истанбул, Турција, Македонија имаше две претставнички, Кристина Поптрпева и Елена Петреска, и двете членки на модното студио „Црнокрак“. Тие успешно ја претставија нашата земја и дома се вратија со круни и дури три титули.
Кристина Поптрпева освои две титули: „Мис талент“, како најталентирана меѓу девојките претставувајќи ја својата дарба за пеење со изведба на песната „Stay” од Ријана. Исто така ја освои и титулата „Мис кет вок“ за најдобро движење на писта.
Нашата друга претставничка Елена Петреска, се закити со титулата „Мис туризам“ на избор за најубава девојка на Евроазија.
И трите носеа свечени фустани што специјално за оваа прилика ги изработи креаторката Муние Локи.
И на неодамнешниот избор „Лице на Балканот“ што се одржа во Белград, девојките од модното студио „Црнокрак“ постигнаа успех.
Кристина Димитријевска е избрана за Прво лице на Балканот 2020, Ивана Маневска за најшармантно, а Михаела Тошинова е најфотогенично лице на Балканот 2020.
Во склоп на програмата се одржа и модна ревија на познатиот белградски моден креатор Саша Милојковиќ, чии модели освен професионални манекенки носеа и учесничките на изборот.