Игор Талевски за 21 ден ја заврши ултравелосипедската трка „Трансамерика“
Игор Талевски за 21 ден ја заврши ултравелосипедската трка низ САД, „Транс Ам“ по маршрутата на Трансамерика, во должина од 6.800 километри. Фасцинантен подвиг со кој ги помести сопствените лимити на издржливост. Ја претстави Македонија во одлично светло. Се запиша во најмоќните 50 велосипедисти од целиот свет на самостојни ултрадолги трки. Трасата се движи од запад кон исток, од Орегон до Вирџинија, возејќи притоа низ 10 сојузни држави.
За каква трка станува збор?
– Ова е велосипедска трка на ултрадолго растојание, на издржливост. Секој возач што сака да стигне до целта, мора да биде, секако, добро физички и психички подготвен, да одговори на секаков предизвик: терен, временски услови, технички проблеми со велосипедот, грижа за своето здравје, логистика, храна, сместување. Покрај очигледната должина, еден од најсилните адути посебно на оваа трка е големината на искачувањата. Се искачуваат околу 50.000 метри височина. Тие искачувања се прават преку навистина стрмни делници и тоа се случува речиси секојдневно, и тоа на речиси незабележливи ридови, но стрмни и многу чести, кои целосно го изместуваат возачот од ритам. Посебно во ноќните часови кога нема добра прегледност на теренот.
Трката е брутална и акцентот е ставен на самоодржливоста. Низ какви сѐ предели и психофизички состојби минувавте?
– Брутална и на граница на измачување. Организаторот се потрудил да не пропушти некое искачување. При возењето си помислував дека ако случајно имам дефект на ГПС-уредот, едноставно ќе се искачам на секој рид што го гледам пред себе и наоколу и сигурно нема да промашам многу од вистинскиот правец на движење. Но, сепак, траката ги носи возачите кон тоа што е срцевината на американската географија и историја и реално. Се работи за фино културолошко искуство. Кога возењето се доживува на тој начин, таа бруталност и мачење веќе ја губат својата сила. Во Америка отидов со цел преку трката да уживам во природата. Државите низ кои се поминува имаат навистина што да понудат од тој аспект. Многу живописни предели!
Каде се вртеа најтешко педалите?
– Сите возачи се согласуваат дека најтежок сегмент се скриените ридови во Мисури. Кога се гледа висинскиот профил на трката, таа во првата половина е изразено на голема висина – речиси 2.000 км се поминуваат на висина од над 1.400 метри, со планински превои над 2.000 и 3.000 м. Втората половина е навидум „рамна“, бидејќи се вози низ територии што не поминуваат 500-600 м н.в., но во нив патиштата се така изградени што буквално држат правец без разлика на која стрмнина целат. Патната инфраструктура е една од почудните што досега сум ги видел. Возењето се сведува на качување и симнување на кратки, но и многу стрмни ридови со падови од по 200-300 м. И така по цели денови, а сите се различни и тешко се доаѓа до ритам.
За ваков предизвик се потребни ментална стабилност, снага, константен баланс, можеби животен тренинг?
– Во суштина, длабоко во секој човек постои импулс да се надминува себеси. Сум имал среќа тој импулс да не ми е потиснат, туку сѐ уште силно гори. Повеќе од 20 години, таа потреба да станувам подобар и посилен на секој план, ја манифестирав практикувајќи алпинизам, а во последните три години, овој тип велосипедизам. И двете активности, секоја на свој начин, носат силни предизвици со кои сам се справувам. Во случајот со алпинизмот, само со еден партнер, имав среќа тоа да биде мојата сопруга со која имаме направено повеќе од 1.000 искачувања. До овој предизвик, „Транс Ам“, стигнав претходно заокружувајќи три други трки со пократки должини: низ Хрватска со 1.500 км, околу Холандија со 1.900 км и од Италија до Норвешка со 4.500 км. Сакав да направам нешто повеќе/подолго, тоа беше оваа трка од 6.800 км.
Со текот на времето си поставувате сѐ појаки тестови на издржливост.
Што ви ја држи енергијата на високо ниво?
– Искрено не мислам дека се подготвувам доволно за овие трки. Секој што малку повеќе разбира велосипедизам, кога би го погледнал мојот реализиран тренинг или возења пред трката, ќе увиди дека тоа е можеби потребниот минимум. Немам посебен структуриран тренинг, туку моите возења се сведуваат на едноставно одржување километража и одржување на телото во таа позиција на велосипедот, со часови. Од друга страна, пак, на овие трки се појавуваат возачи што целосно се фокусирале на својата физичка подготвеност, но не се доволно силни да се справат со организацијата на самостојната логистика. Тренингот треба да биде сеопфатен, да научите да возите и покрај тоа што со часови не ги чувствувате прстите и не можете да менувате брзина. Она што ми ја одржува енергијата е силна внатрешната инспирација да го направам тоа.
Се соочивте со пречки на патот, со кризи?
– За среќа, немав криза од аспект на проблем со телото. Го поминав циклусот на возбуда во првите еден-два дена, нормална криза на телото и умот во следните два дена во стилот „ова ќе трае, еве проблем со колено, нозе, врат…“, но потоа телото се адаптира, умот се стишува и буквално повеќе не постои проблем до самиот крај. Имав чувство како да станувам сѐ подобар и подобар, но веројатно тоа се должи и на искуство да знаеш кога да стиснеш, а кога да се повлечеш на умерено темпо. Овој пат имав проблем само со опремата од самиот почеток. При транспорт ми беше скршен предниот менувач и имав проблем со прецизно работење на системот, како и мало извиткување на виљушката и сериозен проблем при потреба на менување на предната гума и вадење на предното тркало.
Како се регенериравте, сепак возевте постојано 21 ден?
– За време на трките, постои мала можност за нормално регенерирање, односно за вистински одмор. Секој тркач е подготвен на тоа, барем го очекува. И ова е на некој начин составен дел од овој спорт. Вистински одмор има само пред и потоа. За време на трката, времето поминато во одмор и спиење е генерално минимално и не е вистинско дури и да се одвојат потребните часови на одмор. Постои силен внатрешен и надворешен притисок да се движиш, возбуда и адреналин, кои ти го даваат потребниот мир. Спиењето се сведува на едвај три-четири часа и се случува поради премор, но потоа се будите генерално ненаспани и веднаш продолжувате. Исхраната треба да се одвива постојано и во соодветно количество, се трошат многу калории, а тркачите се научени постојано нешто да јадат, дури и при возење.
Страдањето на ваквите тури е избор. Колку носат сатисфакција ваквите страдања?
– Во овие трки, немало една од нив во која немало страдање од некаков аспект: лоши временски услови, проблем со телото и сл. На страдањето гледам само како на нешто што има мошне голема можност да се случи и како составен дел од активноста. Но не сум таму поради него. А сатисфакцијата е огромна: од успешно реализирана трка, успешно поминат одреден предизвик, интеракција со луѓето/публиката по патот, па до неверојатни глетки низ кои се вози. Сепак, два-три дена по трката, кај секој што успеал да стигне до целта, сите тие впечатоци стануваат само позитивни искуства што ни помогнале да станеме посилни и подобри. Два-три дена по трката, сѐ е повторно само поезија. Поезија стануваат дури и стрмните ридови во Мисури, кои за време на трката се блиску до нечовечно малтретирање.