Елизабета Наумческа, ликовна уметница
Ликовната уметница Елизабета Наумческа по подолга пауза се претстави со трета самостојна изложба со 25 слики, реализирани во два циклуса – мртва природа и портрети изработени во повеќе техники, во центарот за култура АСНОМ во Гостивар. Изложбата, која сѐ уште е отворена, кај посетителите побудува голем интерес. На свеченото отворање галеријата беше преполна со посетители, кои со љубопитство и воодушевување ги разгледаа изложените дела.
– Мотивите од мртвата природа се прикажани реалистично со елементи на фолклор, метални декорирани предмети, текстилни декорации. Сплотени се во композиција, која е организирана на повеќе геометриски парцели поврзани една со друга и чинат естетска целина – истакна промоторот Решат Амети, универзитетски професор.
Портретите, пак, се реализирани со суптилни и меки сликарски потези. Промоторот потсети дека на секој портрет Наумчевска им го открива карактерот на личностите, ги претставува нивните емоционални и духовни состојби: радост, тага, вознемиреност, еуфорија… Нејзините дела потврдуваат дека сликарката има богат талент и ликовни идеи, искрена е во нејзината ликовна вистина и во ликовниот приказ.
Над две децении Елизабета Наумчевска работи како ликовен педагог и е добитничка на сертификати, дипломи, награди и признанија од настапите на локалните, регионалните и државните натпревари. Потоа, како ликовна уметница, зографка, сопруга и мајка на два сина, студенти, еднакво бележи успеси.
– Со голема љубов и самопрегор им се посветувам на работните обврски како ликовен педагог во неколку основни и средни училишта во Гостивар. Исто така, не ги запоставувам домашните обврски кон сопругот и децата, секако наоѓам време континуирано да се реализирам и како ликовна уметница и зографка. Сево ова го остварувам со добра организација и рационално го користам времето, како и со голема помош на домашните и со одлична соработка со колегите, тоа е формулата на мојот успех – вели таа.
Нејзината пораките до младите генерации и творци е никогаш да не ги заборават елементите на народното македонско творештво, да продолжат со несмалено темпо да ги негуваат традициите, особено во ликовното творештво.
– Во практиката го исполнувам аманетот на претходните генерации македонски уметници. Ние што живееме во малите места, за разлика од поголемите центри, сме приврзаници на традицијата, кон традиционалните вредности, со кои често се среќаваме и природно влијаат врз нас. Секако тоа што било создадено во минатото, фолклорот, орнаментиката, ентериерите на објектите, македонската архитектура и слично, не може да го чуваме во едно време, мора да го прошириме од рамките на новото време, да може да го идентификуваме и да биде во тек со современието – вели уметницата.
Таа активно се занимава и со зографисување цркви.
– Израснав во религиозно семејство, бев воспитувана да ги почитувам и да ги негувам вредностите и традициите на верата. Многу ме привлече духовната сила што ја има религијата и сакав да влезам во тој свет, да го доживеам. Желбата ми се исполни и сум многу среќна и горда што зографисав голем број цркви во Гостивар и околината (точниот број не го знам) со композиции и поединечни фигури во: „Св. Атанасије“ во селото Беловиште, „Св. Никола“ и „Св. Спас“ во селото Церово, крстилницата во селото Печково, гостиварскиот соборен храм „Пресвета Богородица“ и други црковни храмови – вели Елизабета Наумчевска, која во 1996 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство во класата на професорот Родољуб Анастасов.