Оригиналниот роман „Квинс гамбит“ сега е на списокот на бестселери на „Њујорк тајмс“, 37 години по објавувањето
„Дамски гамбит“ за рекордно кратко време стана најгледана серија во историјата на стриминг-сервисот Нетфликс, со над 62 милиони прегледи во светот. Не е ништо ново дека во последно време стриминг-платформата го презема приматот над кината. Тоа особено дојде до израз за време на пандемијата, кога кинопроекциите се бројат на прсти.
„Дамски гамбит“ сѐ почесто се споменува во разни кругови на интернет и на социјалните мрежи. На познатата страница за филмска критика и оцени „Ротен томатос“, има оцена 100 отсто од критичарите, 96 отсто од публиката, а на ИМДБ има оцена од 8,8.
Серијата влезе во листата на најгледани серии во 92 земји, од Русија и Хонгконг, до Франција, Тајван и Австралија, а во 63 земји е на првото место, вклучувајќи ги Велика Британија, Аргентина, Израел и Јужна Африка.
Побарувањето зa шаховски комплети на и-Беј се зголемени за 250 проценти, а „Голијат гејмс“ вели дека продажбата на шах е зголемена за над 170 проценти.
Оригиналниот роман „Квинс гамбит“ сега е на списокот на бестселери на „Њујорк тајмс“, 37 години по објавувањето.
Гугл-пребарувањата за шах се удвоија, додека пребарувањата за „како да се игра шах“ достигнаа рекорден број во последните девет години.
Бројот на нови играчи на chess.com е зголемен за пет пати.
Разговорите за филмот исто така доведоа до значително поголем интерес за Светското првенство идната година, според Меѓународната шаховска федерација.
Оваа серија е вистински доказ за вештината на Скот како писател и режисер. Успеа да ги оживеа драмата и деталите од многуте шаховски натпревари – генерирајќи одлични критики.
– Пред три години, кога режисерот Скот Франк првпат пристапи кон адаптирање на книгата „Дамски гамбит“ на Валтер Тевис, од 1983 година, за младата Бет, која е чудо од дете – чувствувавме дека тоа е привлечна приказна. Бет е аутсајдерка, која се соочува со зависности, стереотипи, страдања. Нејзиниот успех е спротивно на ова, тој зборува за важноста на упорноста, семејството и наоѓањето и останувањето доследен на себе – информираат од „Нетфликс“.
Реализмот е најголемата придобивка од оваа серија, бидејќи, освен реалниот шах, сè изгледа беспрекорно. Во Сиудад де Мексико, Москва или Њујорк, каде што се одвива дејството, навистина се доловени 1960-тите години, модните стилови се беспрекорни, а костимите на Бет се како оние што ги носеше Џеки Кенеди во тоа време. Ако „Дамски гамбит“ беше филм, тој веројатно ќе имаше неколку номинации за „оскар“ идната година, а несомнено ќе победи и на наградите „еми“.
Ања Тејлор Џој покажа неверојатни актерски способности, бидејќи Бет опфаќа широк спектар на емоции – таа е генијалка што лесно ги победува машките ривали, но во исто време има проблеми со дрога и со алкохол.