Формули за успешно живеење
Прекин на комуникацијата што трае со денови, па и со недели, не е убаво, но не е ни агресивно однесување, туку вид емоционална изнуда, чија цел е односот да продолжи, но според волјата на лицето што го игнорира партнерот.
Кога по некој конфликт меѓу двајца што се во некој однос, врска или брак, едниот се повлекува, замолчува и почнува да го игнорира другиот, се создава мошне непријатна и напната ситуација, која може да трае со денови и со недели. Вообичаено е оној што го игнорира другиот да се означува како пасивно-агресивна личност, односно како агресор. Бидејќи во стручните кругови агресивното однесување се изедначува со насилство, тогаш и лицето што игнорира се доживува како насилник.
Игнорирањето на другите луѓе со кои се останува во релација секако не е убаво однесување, а можеме да го означиме и како детинесто, но не заслужува да се означи како агресивно, ниту како насилно однесување, туку како нешто сосема спротивно.
Кога се лутат возрасните
Агресивноста доаѓа од латинскиот збор ад градиор, што значи да се пристапува, напаѓа, додека личноста што игнорира го прави сосема спротивното. Поимот пасивна агресивност првпат го употребил еден американски полковник за да ги означи војниците што не ги одбиваат наредбите, но ги извршуваат бавно, неволно, со очигледен отпор. Личноста што игнорира не е насилна. Оној што се повлекува од комуникацијата не применува никаква сила и нема основи да се означи како насилник. Токму спротивно, некогаш луѓето се повлекуваат од караница или ја прекинуваат комуникацијата за да се самоконтролираат, за да не бидат насилни.
Наспроти сево ова, игнорирањето од страна на партнерот може многу да заболи. Повремено психотерапевтите слушаат изјави како: „Најлошо ми е кога ме игнорира“, „Повеќе би сакала да ме удри, само да не ме игнорира“.
За да можеме подобро да разбереме зошто возрасните ги игнорираат другите луѓе со кои се во релација, треба да се вратиме во детството, кога децата почнуваат да го користат овој механизам, што тогаш се вика инаетење. Тие така се однесуваат кога ќе оценат дека другите, родителот или друго дете, што би требало да ги сакаат или да имаат пријателски однос кон нив, постапуваат поинаку, а тоа според нив не е фер. Станува збор за субјективна процена на детето, која е често погрешна. Кога детето ќе процени дека другиот се однесува спротивно на неговите очекувања, тоа почнува да се инаети: го избегнува директниот поглед, не сака да разговара, оди во соба само да си игра и слично. Тоа може да биде состојба во која детето нешто посакува, а друг одбива да му го исполни тоа. Кога се мали, децата се идентификуваат со желбата и одбивањето таа да им се исполни го толкуваат како тој другиот да не ги сака. Тогаш заземаат став: ако ти не ме сакаш, не те сакам ни јас тебе.
Децата опоменуваат
Детето што му се инаети на родителот е зависно од него и не може да го напушти тој однос. Тоа сака тој да продолжи, но родителот да го смени однесувањето откако ќе увиди колку детето е навредено од неговото однесување.
Според теоријата на трансакциската анализа, секој човек, без оглед на својата возраст, го крие во себе детското јас. Токму тоа внатрешно дете понекогаш го прави она што го прави и едно мало дете, се инаети сакајќи другиот да го смени своето однесување. Она што го разликува малото дете од возрасниот човек е тоа што децата се зависни од родителот или од старателот, додека возрасните не зависат бидејќи имаат можност да излезат од незадоволителниот однос, врска или брак.
Меѓутоа тоа не е нивна цел. Тие сакаат, како и малите деца, односот да продолжи, но онака како што ним им одговара.
Затоа игнорирањето на партнерот со кој се останува во релација е еден вид емоционално изнудување. Личноста што игнорира сака партнерот да се почувствува непријатно, виновно и да се уплаши дека ќе биде напуштен, да почувствува сожалување и да го смени однесувањето што довело до конфликт и игнорирање.
Игнорирањето на детето е малтретирање
Кога родителот го игнорира детето, тоа за него е најтешка казна. Тој тогаш му порачува дека е лошо и безвредно и оти не ја заслужува родителската љубов, оти за него тоа не постои. Токму затоа, според психолозите, ова е еден од потешките облици на малтретирање. Возрасните се емотивно зрели луѓе, не игнорираат, тие разговараат. Ако едниот почне да игнорира, другиот треба да се однесува нормално и да го пушти другиот да се „олади“. Најлошо е кога детското јас кај едниот родител почнува да се инаети, а детското јас кај игнорираната личност се чувствува отфрлено. Воведот во насилната сцена почнува со мислата: „Кого ти ќе игнорираш?“, објаснуваат стручњаците.