Не е пријатно да се биде во воз или во автобус преполн со патници, особено сега кога тоа е и опасно поради ширењето на ковид-19. Компанијата „Гугл“ затоа се обиде да им помогне на корисниците на јавен превоз.
„Гугл“ во своите нови алатки понуди можност со која во реално време се покажува колкав метеж има во јавниот превоз, давајќи им на патниците и податоци за најновите случаи на ковид-19, пренесуваат светските медиуми.
Ова е една од скоро 250 нови алатки кои Гугл мапс ги воведе од почетокот на пандемијата со коронавирус. Меѓу нив се и клучните информации за заштита на здравјето, со предупредувања кои се однесуваат на коронавирусот.
За оваа нова услуга, Гугл мапс користи податоци од корисници на истата апликација за да пресмета колку мобилни телефони, односно колку луѓе има во воз или во автобус во тој момент.
Гугл мапс наскоро ќе понуди и алатка која во реално време ќе ги известува корисниците за времето и за статусот на достава на храна нарачана преку интернет.