За најдобар гитарист на фестивалот беше прогласен Виктор Захариев од групата „Фикшн“, на кого му беше врачена наградата електрична гитара „јамаха“
Викендов во Младинскиот културен центар во Скопје се одржа 31-то издание на „Рок-фест“, каде што во трите вечери настапија 11 групи од Македонија и по една од Србија и од Грција. Првата фестивалска вечер, во петокот, беше од натпреварувачки карактер, каде што силите ги одмерија петте бенда – „Саундвејвс“ од Битола и скопските „Фикшн“, „Антарт“, „Конспираси“ и „Метаноја“. Додека траеше пребројувањето на гласовите, на сцената свиреше групата „Гаргојлес“.
За најдобар бенд на „Рок-фест“ годинава беше прогласен скопскиот прогресив-метал состав „Метаноја“, додека, пак, Виктор Захариев, гитаристот на групата „Фикшн“ од Скопје, е прогласен за најдобар инструменталист, на кого му беше врачена наградата електрична гитара „јамаха – пацифика“, која ја доделува музичкиот салон „До-ре-ми“. Инаку, за победникот на „Рок-фест“ одлучи збирот на гласовите од публиката и од жирито, а токму „Метаноја“ доби најмногу гласови и од двете страни. За разлика од прогласувањето на најдобриот бенд, најдобриот гитарист беше одбран според гласовите на самите гитаристи што се натпреваруваа и од гласовите на жирито.
Натпреварувачката вечер ја отвори Мики Јовановски-Џафер, кој патем е победник на првиот „Рок-фест“, во 1981 година, кога настапуваше со својот бенд „Автограм“.
– На сите што вечерва ќе свирите, пред сѐ, ви посакувам одлична забава и многу успех во понатамошната работа. „Рок-фест“ е манифестација што треба да се одржува, а тоа може само доколку има бенови што сакаат да свират – рече на отворањето Мики Јовановски-Џафер, кој патем беше и дел од жирито.
Во натпреварувачкиот дел силите ги одмерија петте бенда – „Саундвејвс“ од Битола и скопските „Фикшн“, „Антарт“, „Конспираси“ и „Метаноја“.
Сите пет бенда што беа во натпреварувачкиот дел, покажаа одлични квалитети, а за изборот за победник влијаеја само мали нијанси. Речиси сите групи и музичари што вчеравечер настапија, не се разликуваа драстично во квалитетот, што е одличен показател дека оваа генерација бендови навистина има што да понуди. Единствената разлика беше во стилот на музиката, што исто така е доказ дека андерграундот не треба секогаш да се поврзува со хевиметалот, туку и со другите музички правци. „Саундвејвс“ и „Фикшн“ презентираа одлична свирка, а нивната музика е во рамките на моќниот рокенрол со големи примеси на инди и добри гитарски делници. Токму гитаристот на „Фикшн“, Виктор Захариев, беше највпечатлив и со полно право беше прогласен за најдобар инструменталист.
Групата „Антиарт“ во која членуваат музичари, кои веќе имаат подолго искуство, сепак реши промоцијата на својот нов бенд да ја направат на „Рок-фест“. Тие прикажаа голем професионализам од музичка и свиречка гледна точка. По нивниот настап, следуваше блок од два бенд, кои свират малку помоќна музика, односно музика што е во рамките на металот. „Конспираси“ очигледно е новиот бед од кој во иднина се очекува многу повеќе. Момците имаат јасна визија за тоа како треба да звучи еден метал-состав. Со сличен музички стил се претстави и „Метаноја“, чија музикa се базира на прогресивниот метал. Групата имаше одличен сценски настап, а неколкуте песни што ги отсвирија оставија најголем впечаток кај публиката.
Саботната вечер беше резервирана за двата скопски бенда, „Визија“ и „Стил темпл“, како и за гостите од Србија, групата „Патриас“, додека, пак, од Грција дојде бендот „Резистанс“. Она што ги одликуваше овие групи е сличниот музички израз, кој плови на брановите на моќната хардрок и хевиметал-музика. Членовите на српскиот бенд се покажаа како одлични инструменталисти, кои умеат да направат одлична атмосфера. Станува збор за бенд што зад себе веќе има еден студиски албум, а во моментов го снимаат материјалот за вториот. По нив следуваа нашите „Визија“, кои, патем, настапија на последното издание на „Рок-фест“, а нивниот гитарист Марко Џамбазовски тогаш беше прогласен за најдобар гитарист на фестивалот. Но за разлика од тогаш, сега бендот звучи многу помоќно и поуиграно. Вечерта продолжи со настапот на гостите од Грција, групата „Резистанс“, која претпочита музика што се движи во рамките на хардрокот и металот. Впечатлив беше нивниот музичко-сценски настап што остави одличен впечаток. Последни беа момците од домашниот бенд „Стил темпл“, кои оваа година ја прославуваат 18-годишнината од своето оформување и досега имаат два студиски албума, и еден снимен во живо на нивниот настапот во Белград заедно со светските бендови „Џудаст прист“ и „Халовин“. „Стил темпл“ уште една покажа дека станува збор за искусен бенд, кој звучи како забревтана машина што руши сѐ пред себе.
Фестивалот заврши вчеравечер со настапот на три македонски бенда, „Морфеј“ од Куманово, како и скопските „Блек енд вајс соушл клаб“ и „Никеја“. Тоа се групи што веќе подлог период се активни на македонската музичка сцена и токму затоа нивните настапи беа на едно повисоко ниво.
Покрај свирката, публиката имаше можност да го погледне и документарниот филм „Рокенролер борн лузер“ по сценарио и режија на Аљоша Симјановски, како и ретроспективната изложба на фотографии.