Стотина години по откритието на гробот на Тутанкамон, во кој беше пронајдено мумифицирано дете-крал, погребано пред повеќе од 3000 години, заврши проектот за реставрација и санација на оштетувањата предизвикани од прашина, влага и посетители.
Фреските на ѕидовите и таванот исто се реставрирани и вратени во првобитната состојба во каква што се наоѓаа кога британскиот археолог Хаувард Картер прв влезе во гробницата во 1922 година.
Во процесот што траеше десет години во гробницата беа заменети дрвени подови, осветлувањето и рампите, што значи дека и самиот Тутанкамон морал да биде преместен.
– Тоа е неверојатно скапоцен експонат, така што беше многу стресно да се поместува мумијата – рече Невил Агњу, директор за комуникација на Конзерваторскиот институт Гети со седиште во Лос Анџелес, кој ги водеше работите.
Древната гробница во Долината на Кралевите беше реставрирана неколку пати претходно, но никако вака плански и детално.
Конзерваторите, архитектите, стручњаците за околина и научниците прво ги работеа анализите, кои траеја речиси пет години и кои покажаа влијание врз околината како и оштетувањата што ги направиле посетителите, меѓу кои се и гребаниците и графитите.
– Водената пареа настаната од дишењето на посетителите влијае врз сѐ во гробницата – рече Хусеин Шабори, професор по уметност на Универзитетот во Александрија, додавајќи дека таму било тешко да се дише.
Според него, тоа морало да се промени и да се создаде метода во гробницата да влегува свеж воздух и да циркулира на начин сиот воздух во гробницата да се смени за половина час.
Гробницата на Тутанкамон беше откриена во 1922 година во Долината на Кралевите, во близина на Луксор. Тоа е единствената гробница од Новото кралство(1550 п.н.е до 1069 п.н.е) што е пронајдена недопрена, односно неограбена.
Се верува дека Тутанкамон владеел од 1334 година п.н.е до 1325 година п.н.е, за време на XVIII династија.