Автори: Лилит Маркус и Џејк Квон

Си-ен-ен

Многу готвачи цел живот сонуваат да ја освојат престижната ѕвезда на „Мишелин“, но не и Ео Јун-гвон. Јужнокорејскиот готвач наводно го тужи „Мишелин“ затоа што го вклучил неговиот италијански ресторан „Ео“ во нивниот водич за најдобри ресторани во Сеул за 2019 година, откако побарал од организацијата да не го прави тоа. Поради ова, тој поднесе тужба за јавна навреда во согласност со јужнокорејските закони, што е слично со американскиот закон за клевета.

Во што се состои тужбата?

На 15 ноември Ео објавил на неговата страница на Фејсбук дека поднел кривична жалба за јавна навреда против туристичкиот водич на „Мишелин“ во јавното обвинителство во Сеул, на истиот ден. Во својата тужба Ео навел дека таа се заснова на присилно вклучување на (ресторани) против нивна волја и без јасен критериум.

– Вклучувањето на мојот ресторан во корумпираниот водич е клевета против вработените во ресторанот „Ео“ и неговите редовни гости. Тие немаа наведен телефонски број за контакт и единствен начин за остварување на комуникација беше преку електронска пошта. Иако јасно одбив мојот ресторан да биде вклучен во листата, „Мишелин“ своеволно го наведе ресторанот на листата и годинава – објаснува Ео Јун-гвон. 

Тој особено се противи на начинот на кој „Мишелин“ ги оценува рестораните и им доделува ѕвезди. Во неговата објава на Фејсбук од 13 ноември, тој вели дека „во Сеул постојат илјадници ресторани кои се на исто ниво, или дури подобри и почесни од наведените во водичот на „Мишелин“. Жално е што околу 170 од нив го претставуваат Сеул“.

Во својата поплака пратена по електорнска пошта до „Мишелин“, Ео побарал неговиот ресторан да биде изземен од сите категории и притоа оттаму да го објаснат критериумот за оценување, затоа што „голем број на ресторани и тамошните вработени премногу се вложуваат себеси за да го достигнат чудото наречено ѕвезда на „Мишелин“.

Во водичот за ресторани во Сеул за 2016 година, „Мишелин“ го опишал ресторанот, поточно неговиот главен готвач Ео, наведувајќи дека „секоја порција го покажува неговиот увид во интегритетот и едноставноста на италијанското готвење“. Во телефонска изјава за Си-ен-ен, Ео порача дека „Мишелин“ има најсуров систем на оценување според кој готвачите се принудени напорно да работат цела година и да го чекаат изненадниот тест. За него било понижување неговиот ресторан да биде дел од таков неморален водич кој е заслепен од пари и нема своја филозофија“.

Дали Ео ќе успее?

Иако неговата тужба веќе одекна во кулинарскиот свет, јужнокорејскиот кривичен адвокат Шин ха-на вели дека обвиненијата се неосновани. Шин за Си-ен-ен изјави дека „мора да постои навредувачка изјава што нарушува нечиј углед. Обично станува збор за пцовки, а бидејќи водичот не содржи такви зборови, тој смета дека тужбата ќе биде отфрлена“. Сепак, Шин истакнува дека ако „Мишелин“ биде прогласен за виновен, тогаш компанијата ќе треба да исплати отштета меѓу 425 и 2.500 долари.

Последици надвор од Кореја

Ео не е единствениот готвач кој имал проблем со тајниот славен водич за рејтинг на ресторани. Францускиот готвач Марк Вера исто така го тужеше „Мишелин“ оваа година, но во неговиот случај поради одземање на ѕвезда. Водичот за најдобрите француски ресторани според „Мишелин“, решил да му одземе една ѕвезда по увидот во неговиот ресторан „Ла мезон де боа“ на Алпите.

Марк Вера тврди дека инцидентот бил поврзан со недоразбирањето околу сирењето, затоа што дегустаторот на „Мишелин“ сметал дека суфлето било од чедар, а готвачот тврдел дека во јадењето имало повеќе видови на сирење зачинети со шафран, за да се добие жолтата боја како на чедарот. Вера за едно француско радио изјавил дека „паднал во голема депресија откако ѕвездата му била одземена“. Моментно, тој ја очекува пресудата од неговата тужба поднесена во градот Нантер во Франција.
Каков и да биде исходот од двете тужби, јасно е дека Ео нема многу да постигне. На неговата страница на Фејсбук, тој напиша дека „ќе работи напорно за да го зачува интегритетот на неговата индустрија од аматерски критичари како „Мишелин“, од инфуленсери и од медиуми, така што ќе ја продолжи борбата против познатиот водич“.

Превод: Билјана Здравковска