Јужнокорејската трагикомедија „Паразит“ е голем победник на 92-то издание на американските филмски награди „оскар“, Хоакин Феникс во машка и Рене Зелвегер во женска конкуренција се закитија со „оскари“ за најдобри улоги. „Паразит“ испиша историја откако стана прв филм награден со „оскар“ што не е од англиско говорно подрачје во главната категорија. „Американска фабрика“, првиот филм на компанијата на Барак и Мишел Обама, го освои „оскарот“ во категоријата документарни филмови. Македонскиот „Медена земја“ не успеа да стигне до наградата и покрај двете номинации, најдобар документарец и најдобар странски филм.
Тимот на „Медена земја“ преку социјалните мрежи се заблагодари на големата поддршка и порача дека биле почестени што биле номинирани. Главната протагонистка Атиџе Муратова од Лос Анџелес порача дека нејзиниот живот по снимањето на филмот драматично се променил.
– Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со моите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други – порачува Атиџе Муратова.
Филмот што се занимава со јазот меѓу богатите и сиромашните во Јужна Кореја освои четири „оскари“, меѓу другите и за најдобра режија и за оригинално сценарио за Бонг Џон Хо. Ниту еден филм во историјата не ја освоил наградата за најдобар филм и за најдобар филм од странско говорно подрачје.
Во категоријата најдобар актер немаше изненадувања – Хоакин Феникс го доби највисокото американско филмско признание за улогата во филмот „Џокер“, а Рене Зелвегер беше наградена за интерпретацијата на Џуди Гарланд во филмот „Џуди“.
Филмот за Првата светска војна, „1917“, кој се сметаше за фаворит во водечките категории, на крајот заврши само со три награди од 10 номинации – за камера, визуелни ефекти и за звук. Сентименталниот филм на Квентин Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“ му го донесе првиот „оскар“ за најдобра споредна улога на Бред Пит.
Лора Дерн ја освои статуетката за најдобра споредна женска улога во филмот „Брачна приказна“. Губитник на вечерта е „Ирецот“ на Мартин Скорсезе, кој заврши со празни раце и покрај номинациите во 10 категории.