Голем билборд со ликот на Петар Илич Чајковски се појави на „Тајмс сквер“ во Њујорк. Музичкиот сервис „Спотифај“ објасни дека Чајковски е најпопуларниот руски композитор надвор од границите на Русија, чии композиции ги слушаат 2,8 милиони клиенти на таа компанија секој месец.
– Кога станува збор за зимската магија и она што е безвременско, балетот „Оревокршачка“ често зазема централно место – наведува музичкиот сервис.
„Спотифај“ објави дека композициите од „Оревокршачка“, „Танцот на самовилата“ и „Валцерот од снегулките“ се особено популарни меѓу нивните клиенти.
– Чајковски како автор на „Оревокршачка“ и на „Лебедово езеро“ е најпопуларниот руски композитор меѓу корисниците на „Спотифај“ надвор од границите на Русија. Неговата месечна публика е околу 2,8 милиони луѓе во светот – се наведува во соопштението.
Повеќе од 100 плејлисти со композиции на Чајковски се достапни на услугата.
– Подготвивме специјална плејлиста „Ова е Чајковски“ на која се претставени некои од неговите најпопуларни композиции. „Спотифај“ ја објави насловната страница на плејлистата на билборд на најпознатиот плоштад во Њујорк -изјавија од компанијата.