Белгиската компанија за производство на чоколадо „Годива“ ќе ги продаде или затвори сите свои 128 продавници во Северна Америка во следните неколку месеци, соопшти компанијата оваа недела, пренесуваат светските медиуми.
Според „Годива“ забележан е пад на побарувачката во нивните продавници, особено во услови на пандемија на ковид-19. Во исто време, компанијата соопшти дека бележи раст на продажбата и продажбата преку интернет, преку клубови и други нивни партнери во трговијата на мало.
Исто така компанијата посочува дека многу од продавниците на „Годива“ ќе останат отворени до Денот на вљубените, во главниот период на продажба на чоколадни производи. „Индијанаполис бизнис џурнал“ објави дека продавницата на „Годива“ во Индијанаполис ќе биде затворена на 15 февруари, додека „Далас морнинг њуз“ извести дека седум локации во Тексас ќе затворат до крајот на март.
Компанијата „Годива“ не соопшти колку вработени ќе бидат отпуштени.
Оваа одлука е донесена од компанијата по помалку од две години откако „Годива“ најави отворање на 2.000 кафулиња ширум светот за шест години. Кафулињата имаа проширено мени кое освен чоколадо вклучуваше печива, сендвичи и кафе. Во тоа време „Годива“ планираше да отвори околу една третина од тие кафулиња во САД.
Продавниците на „Годива“ во Европа, на Блискиот Исток и поголемиот дел од Кина ќе продолжат со работа.