Членовите на групата „Ласт експедишн“ и пријателите ја снимија новата верзија на култната песна „Шефе“, создадена во втората половина на 1990-те, но и денес актуелна и слушана.
– Се потрудивме новата верзија на култната песна „Шефе“ да биде градска, народска, светска и не знам уште што, ама мислиме дека успеавме во целата оваа приказна да не ја оштетиме. Новата верзија е македонско-американско-канадска соработка и сите ние што учествувавме во ова парче музика сме среќни и презадоволни од финалниот звук – вели Енис Хаџиќ-Енко од „Ласт експедишн“.
Иницијатор за оваа соработка е гитаристот Кире Најдовски, некогашен член на „Ласт експедишн“, кој сега живее и работи во САД.
– Во средината на 1990-те и се приклучив на групата „Ласт експедишн“, која веќе беше познат и мошне активен рок-бенд во Македонија. Заедно го снимивме третиот студиски албум „БОX“. Една од песните на овој носач на звук беше и „Шефе“, која многу брзо постигна голем успех, па и денес е прифатена од многу обожаватели и ја свират голем број музичари во Македонија на своите настапи. Неодамна, добив идеја да направам римејк на оваа мелодија и за таа цел решив да поканам некои мои пријатели, американски музичари да учествуваат во снимањето. Откако направив демо, го ангажирав басисотот Бред Џонсон и тапанарот Џо Лана јуниор да бидат дел од проектот. И навистина направивме извонредна работа. Следно беше да одлучам кој ќе застане зад сето ова. Прв на кого се сетив беше мојот македонски брат од Торонто, Канада, познатиот музичар, композиоитор и продуецент Давор Јордановски, кој овде се повеќе се етаблира како извонрден клавијатурист и автор. Тој со своите неверојатни вештини ја продуцираше новата верзија на „Шефе“, го напарви миксот и се разбира свири на калвијатури – вели Кире Најдовски.
Тој дополни дека како што целиот проект се заокружувал возбудата кај сите станувала се поголема.
– Целиот овој период бев во контакт со Енко, лидер и пејачот на „Ласт експедишн“ и тој еден ден ми соопшти прекрасна идеја, дека сака да ги натера фановите да пеат во песната, заедно со сегашните и некогашните членови на групата. Паралено од сите активности имавме снимки, кои се искористени во уникатниот видео-запис за новата верзија на „Шефе“, за чија видео монтажа беше задолжен Благоја Неделковски. Сигурен сум дека и оваа верзија ќе помине одлично зашто сите вложивме многу позитивна енергија во нејзиното создавање – вели Кире Најдовски, чие име и карактеристичен звук на гитарата се се попознати меѓу музичарите во САД.
Во реализацијата на спотот учествуваа: Сецко, Енко, Диме, Влатко, Салпе, Драгче, Сашко, Ленин и „Ноќни волци“, Кристијан, Ален, Ева, Фриц, Панки, Аце Флојд Ристе Мерцедес…
Очекуваме уште многу нова музика од „Последната експедиција“ и се разбира концерти за паметење. М.Т.