Меѓу најзначајните придобивки од овој велосипед се: прочистување на воздухот, намалување на бројот на возилата, промена на навиките на граѓаните, овозможување нов начин за движење низ градот и голем број здравствени бенефиции

Тошко Ристов, машински инженер од Кавадарци, е дел од тимот што од идеја до реализација го создаде првиот македонски електричен велосипед со вградени филтри за прочистување на загадениот воздух од штетните ПМ-честички.

Проектот „ГЕТ-велосипед“ заврши на 1 март годинава, а беше еден од добитниците на грант во рамките на „О2 предизвик“ организиран од страна на Фондацијата за иновации и технолошки развој. Покрај Тошко Ристов, машински инженер, (како нивен лидер) во тимот беа Иле Мирчевски доцент на Машинскиот факултет од Скопје, Ина Крстева, машинска инженерка и студентите: Филип Поповски, Мартин Спасовски, Александар Јанковиќ, Игор Џамбаски и Марко Насески, сите од различни отсеци на истиот факултет. Меѓу најзначајните придобивки од овој велосипед се: прочистување на воздухот, намалување на бројот на возилата, промена на навиките на граѓаните, овозможување нов начин за движење низ градот и голем број здравствени бенефиции. Макотрпната работа на целиот тим заврши успешно, па сега нивниот ГЕТ-велосипед чека инвеститор што би го започнал неговото производство.

– Нашиот електричен велосипед е со вграден аларм, централно заклучување, џипиес-локатор, со целосно наш софтвер и чиповска картичка за отклучување. Целиот тим макотрпно работеше и успеавме да го направиме прототипот на ековелосипед, а неговото производство би чинело некаде од 1.200 до 1.300 евра. Досега не сме добиле понуда од некоја компанија, но и понатаму им го нудиме ние и нашата држава на интернационални форуми. Во периодот додека го изготвувавме стекнавме големо искуство и научивме многу работи за велосипедите. Јас сум дипломиран машински инженер и секогаш сакам нови предизвици. Многу повеќе ме привлекува оперативата и се надевам дека во скоро време ќе направам своевиден бум со некоја иновација. Како моја лична инвестиција планирам да произведам 10 велосипеди со вградени филтри, но не електрични бидејќи нивното производство е многу поскапо, за да видам дали ќе наидат на интерес кај купувачите. Сметам дека за нашиот стандард овие велосипеди се скапа инвестиција, па моите активности ќе ги насочам кон изготвување филтри што би можеле да се вградат во секој велосипед, а да не бидат поскапи од 10 евра. Исто така работам и на тоа во скоро време да произведам полесен електричен велосипед со алуминиумска шасија – вели Тошко Ристо.

Сепак, и најпасионираните љубители на велосипедите во Кавадарци и пошироко, сметаат дела еколошката свест кај нас сѐ уште е на многу ниско ниво и не можеме да очекуваме дека прекуноќ автомобилите ќе се заменат со ново превозно средство – електричен велосипед, кој не загадува, туку напротив го прочистува воздухот.
Инаку, велосипедот на електричен погон е сѐ поатрактивно превозно средство за љубителите на велосипедизмот. За разлика од обичните велосипеди, се претпоставува дека во Македонија ги има околу 1.000, а искуствата покажуваат дека се практични и економични и само за една година се враќа половина од инвестицијата.

Горан Ристевски, сопственик на сервис за велосипеди во Кавадарци, го потврдува зголемениот интерес на граѓаните за набавка на велосипед на електричен погон.
– Последнава година има многу зголемен интерес за електрични велосипеди што се еколошки, без никакво загадување. Електричните велосипеди се со паметна технологија, која препознава колку лицето што го вози има сила и тој додава колку што треба, но ако лицето вози побрзо автоматски се исклучува електричниот погон. Предноста на овие велосипеди е што можат да се користат како обични велосипеди, но можат и да ви помогнат во возењето толку колку што ви треба, па можете да одите на работа без да се испотите. Втората добра странa е што брзината им е ограничена до 25 километри на час, па доколку возите побрзо, моторот се исклучува – објаснува Горан Ристевски, кој секојдневно ги слуша искуствата на сопствениците на електрични велосипеди во својот сервис.

Она што секогаш е најважно и пресудно во одлуката да се набави ваков велосипед е неговата цена, која за новите модели се движи од 1.000 до 8.000 евра па граѓаните многу често се одлучуваа за половни велосипеди, што може да се најдат по цена од 300 до 2.000 евра.

– Цената секако ги одредува неговите квалитети, така што со поскапите велосипеди може да се поминат дури 100 километри со едно полнење, бидејќи нивните батерии се појаки и до 1.000 вати. Имено, градските електрични велосипеди имаат батерии од 200 до 250 вати, додека планинските од 500 до 1.000 вати – објаснува Ристевски.
Веќе една година Mарјан Пасков, стоматолог од Неготино, како превозно средство за одење на работа го користи електричниот велосипед.

– Моето искуство е многу позитивно. Првата причина да го набавам беше наместо со автомобилот во град да одам со велосипед и да го избегнам проблемот со долго барање паркинг-место, бидејќи се високи казните за недозволено паркирање. Исто така, сакам да ги стимулирам моите деца да го користат велосипедот за одење на училиште. На трето место е големата финансиска бенефиција и предноста да не се загадува околината. Јас го користам мојот велосипед за пазарење и за одење на работа, но и за возење по нерамни планински терени. На пример, од Неготино до Кавадарци со велосипедот стигнувам за 30 до 35 минути. Можам слободно да ви кажам дека мојот велосипед во околината предизвика голем интерес, а јас на сите им ги кажувам бенефициите – подобро здравје, придонес за екологијата и помалку средства за сервисирање на мојот автомобил. На врвот, секако, е убавата дружба со другите велосипедисти и откривањето прекрасни места во природа на многубројните велосипедски фестивали низ Македонија – вели Марјан Пасков.

Тој има предлог банките да изработат нова кредитна линија за набавка на електрични велосипеди, со што автоматски ќе се зголеми нивниот број, а наедно ќе се придонесе и за афирмацијата на велосипедизмот. Тој учествува на многу велосипедски фестивали во Македонија, каде што создава нови познанства и го шири кругот на пријатели. За возење велосипед, вели тој, нема лошо време, има само лоша опрема.


Општината Кавадарци стимулира купување велосипеди

Општината Кавадарци неодамна објави јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на градот за купување велосипед за 2019 година. Целта на овој повик е да ги стимулира граѓаните за користење велосипеди, па сите заинтересирани што до крајот на годинава ќе купат велосипед и доколку бидат извлечени по принципот на јавно извлекување ќе добијат надомест до 50 отсто од цената на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари.