Телевизиската серија во германско-данска продукција „Бавно горење“ снимена минатата година додека Европа и остатокот од светот сè уште не беа погодени од коронавирусот, наликува на теорија на заговор инспирирана од пандемијата на ковид-19, пренесува „Гардијан“.
Во серијата се зборува за тоа како животот на измислен остров запаѓа во хаос и уништување кога ќе завладее вирусот.
Кога на северот на Кина ќе се открие болест од типот на птичји грип, која потекнува од гулаби, луѓето што живеат на идиличен остров во Северното Море воопшто не обрнуваат внимание. Морето на островот исфрла едрилица на која се наоѓале мумифицираните тела на британски пар. Подоцна се утврдува дека тие го донеле вирусот.
На жителите им се препорачува да носат маски за лице и да практикуваат социјално дистанцирање. Воведуваат правила за карантин, а теориите на заговорне стивнуваат по избувнувањето на епидемијата.
Творците на серијата ја опишаа како „пост-апокалиптичен катастрофален трилер преточен во модерен еп“. Емитувањето беше скоро откажано откако газдите на ТВ компанијата Зер-ди-еф (ЗДФ) изразија загриженост дека за гледачите можеби ќе биде премногу реален.
– Прашањето беше дали можеме да бараме од нашата публика да ја гледа серијата токму сега – изјавил писателот и режисер Кристијан Алварт пред емитувањето.
Алварт се консултирал со виролози и медицински работници во брза помош, сакајќи да открие како Германија е подготвена за смртоносна пандемија, додавајќи дека бил инспириран од мислата дека катастрофите претежно се случуваат на друго место и се прашувал како би било ако се случи вакво нешто блиску до дома.
– Бев зачуден како постојано слушаме за катастрофи во светот во медиумите, но обично нашиот живот се уште се одвива нормалн – објаснува Алварт.
Кога Германија заврши во карантин, серијата беше во постпродукција.
– Чуствував морници по целото тело од помислата за она што го снимавме минатата година – изјавил Алварт.