Германскиот виролог Кристијан Дростен во својот поткаст објаснува кога е најголем ризикот од заразување со коронавирусот, односно кога луѓето со потврдена болест ковид-19 најверојатно ја пренесуваат инфекцијата.
Во Кина претходно беше објавено истражување за епидемиолошкото моделирање. Истражувачите притоа откриле кога се најзаразни пациентите позитивни на ковид-19.
Според оваа студија, предводена од Габриел Леунг од Универзитетот во Хонгконг, 44 проценти од преносот на инфекцијата се јавува пред почетокот на симптомите.
– Статистичките податоци покажуваат дека речиси половина од сите пациенти со ковид-19 се заразени од оние луѓе што сè уште не развиле никакви симптоми на коронавирусот. Овие податоци се важни за подобро да се разберат можните начини на инфекција – посочува вирологот Дростен.
Според неговите анализи, дури може да се утврди и кој ден пациентот најмногу ја пренесува инфекцијата.
– Врвот на активноста на инфекцијата, кој е најинфективниот ден во текот на болеста, е денот пред почетокот на симптомите – истакнува вирологот.
Тој додава и дека заразеното лице не е заразно за целото времетраење на болеста, односно во периодот на инкубација.
– Седум дена по појавата на симптомите, заразените не претставуваат ризик за другите луѓе – вели Дростен.