Славната актерка Гвинет Палтроу го сподели своето искуство со ковид-19 и симптомите што ги чувствува неколку месеци по закрепнувањето од болеста.
– Имав ковид-19 по што чувствувам постојан замор и т.н. мозочна магла – напишала Палтроу во неодамнешната објава за нејзината веб-страница „Гуп“.
Луѓето кои ги имаат овие симптоми повеќе од два месеца откако им е дијагностициран коронавирус се соочуваат со проблеми со меморијата, неможноста за концентрирање, чувство на конфузија или дезориентираност, намалени визуелни и просторни вештини, како и проблеми при говорот.
Палтроу истакна дека во јануари направила тестови кои покажале дека има „навистина високо ниво на воспаление“. Таа потоа се консултирала со д-р Вил Кол, кој ја советувал да го практикува начинот на исхрана што тој го истакнува во неговата книга „Интуитивен пост“. Станува збор за кето-исхрана, врз основа на зеленчук, но се дозволува и консумирање на риба и неколку видови месо.
Зборувајќи за нејзиното искуство со ковид-19, оскаровката Палтроу се придружи на познатите личности кои јавно го документирале справувањето со заразата.