Македонскиот претставник Васил Гарвалиев синоќа не влезе меѓу десетте финалисти на првата полуфинална вечер на „Евровизија 2021“, што се одржува во арената „Ахој“ во Ротердам, Холандија.

Неговата изведба на песната „Here I stand“ и саmиот настап беа мнoгу впечатливи, за што говори и бурниот аплауз што го доби од 3.500 публика во салата, а следеа и мнoгу позитивни реакции и поддршка на социјалните мрежи.

Секако разочарувањето на македонските евровизиски фанови е големо, но кога станува збор за „Евровизија“, за жал, оваа слика често сме ја гледале. Наш најголем успех на овој фестивал е седмото мeсто на Тамара Тодевска со песната „Proud“, што го освои 2019 година во Тел Авив, Израел, кога Васил беше меѓу придружните вокали.

Гарванлиев својата реакција ја објави на својот профил на Фејсбук.

– Ова е историски момент и повеќе од тоа, мојата приказна! Застанав на таа сцена со искрена и отворена душа, гордо да ја претставам Македонија и пеев за сите нас. Благодарен сум и горд, и ова е само почеток на едно неверојатно патешествие. Ја чувствувам вашата искрена љубов, енергија и гордост. Нема да го заборам тоа! Стоиме заедно и силни. Така ќе ја обоиме темнината со светлина и ќе ја исполниме омразата со љубов. Стојам тука за вас и најдоброто допрва следува. Ви благодарам за вашата поддршка, пораки и гласови. Ве сакам – напиша Васил на социјалните мрежи.

Александра Јовановска, претставник за односи со јавноста на македонскиот евровизиски тим, исто така во својата изјава, веднаш по прогласувањето на резултатите од гласењето вели дека е горда на Васил и на неговиот настап на евровизиската сцена.

– Ви благодариме од срце што ни испративте толку љубов и поддршка откако го видовте настапот на Васил. Ова беше неверојатна евровизиска приказна што заврши со настап со кој сите може да се гордееме. Васил доминираше на сцената и ние се чувствуваме како победници затоа што ја претстави Македонија на највисоко ниво. Се надевам дека Васил донесе среќа и оптимизам во секој дом во нашата земја и сте задоволни што бевме дел од ваква спектакуларна музичка вечер што ја обединува Европа. Васил ја даде сета своја енергија и страст на сцената за својата земја. И покрај тоа што нема да бидеме дел од финалето Македонија покажа дека може да се натпреварува на највисоко интернационално ниво. Една земја ќе го понесе трофејот на крајот, но сите останати заедно ја соеднија Европа по страшната пандемија која ни се случи. – изјави Александра Јовановска.

Игор Трајковски, првиот човек на Македонскиот евровизиски фан клуб, кој во живо ја следи „Евровизија“, исто така ни ги соопшти своите впечатоци.

– Изведбата на Васил Гарванлиев вечерва беше одлично прифатена и од публиката и од скромниот евровизиски новинарски корпус во салата „Ахој“. Доказ за тоа беше и јакиот аплауз. Меѓутоа, главниот проблем е во самата песна, не во вокалните можности и настапот на Васил, за кои нема забелешки. Музички театар, што е стилот на песната, не е за сечиј вкус и доколку не го сакаш тој стил на музика, сосема го игнорираш останатото, па нека и било извонредно. Просечниот евровизиски гласач попрво ќе гласа за фалш отпеана песна доколку му се допаѓа музичкиот стил отколку да го даде гласот за одлична изведба на композиција која, едноставно, не му лежи – вели Игор Трајковски.

Голем број јавни личности вчера го поддржаа Гарванлиев, упатувајќи му зборови на поддршка.

Втората полуфинална вечер е утре, а евровизиското финале ќе го проследиме во сабота на првата програма на МРТ.

М.Т.