Утревечер, во 22 часот, како навестување на веселбата, предвиден е целовечерен концерт на Македонската филхармонија, под диригентската палка на Џијан Емин
На утрешниот голем православен празник Петровден, кој асоцира на традиционалната, единствена и неповторлива Галичка свадба, ќе ечат црковните ѕвона на галичките цркви „Св. Петар и Павле“ и „Св. Петка“, а свадбата ќе почне во приквечерието в сабота, кога млади девојки и момчиња пред куќата на младоженецот, вила „Доста“, ќе го накитат свадбарскиот бајрак со пеење обредни песни и со тоа ќе го означат почетокот на свадбата. Од спротивната страна, пак, на вила „Доста“, кај хотелот „Неда“, ќе почнат да ечат писоците на зурлите и татнежните на тапани на тајфата на Мајовци…
Сето ова ја прави оваа традиција, која ја преземаат младите генерации по потекло од Галичник, единствена и неповторлива. Тие автентично ги прифаќаат свадбарските обичаи, ритуали, обредните, изворните, печалбарските, љубовните песни и ора и со големо задоволство ги изведуваат, а исто така водат и посебна грижа за чување на оригиналната галичка носија. Ова древно, исконско место, вгнездено во пазувите на планината Бистра, викендов ќе потсетува на славното минато, предизвик за илјадници домашни и туристи од Европа, Австралија, Америка и од Канада, кои доаѓаат да се запознаат со традицијата и да уживаат во природните убавини и реткости на овој крај.
Според програмата на организаторот, месната заедница Галичник, в сабота вечер, на платото пред опеаната чешма „Упија“, ќе бидат одиграни ората „Тешкото“, „Невестинското“, „Манукот“ и други, кои ѝ даваат посебен белег на свадбата и кои низ движењата на игроорците на посебен начин го презентираат тешкиот живот на галичани низ вековите, како и вербата за подобра иднина. Потоа, сватовите со борини в раце ги осветлуваат темнините галички патеки и ја носат невестата да наполни вода на три чешми. Со овој ритуал ќе завршат вечерните презентации на Галичката свадба. Општонародната свадбарска веселба ќе продолжи со песни и ора во тактот на звуците на тапаните и на зурлите на тајфата „Трио Мајовци“ во неколкуте ресторани.
В недела, по изведувањето на голем број обичаи и ритуали (канење на мртвите, канење на кумот, бричење на зетот, на строј, бодинање, мушчулѓија, одење на по невестата, дарување на невестата, земање на невестата), невестата качена на коњ ќе пристигне во куќата на младоженецот. Во црквата „Св. Петар и Павле“ годинешните младоженци, Огњен Караѓозовски, по потекло од Галичник, и неговата избраничка, Марина Петровска, повеќегодишни учесници на Галичката свадба, ќе бидат венчани од монасите на Бигорскиот манастир. Со тоа ќе заврши и годинешното издание на манифестацијата, која се одржува под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски.
Утревечер во 22 часот, како навестување на веселбата, предвиден е целовечерен концерт на Македонската филхармонија, под диригентската палка на Џијан Емин.