Минатогодишниот „Еврофест“

Дваесет и четвртото издание на Интернационалниот фестивал на забавни мелодии „Еврофест 2020“, што ќе се одржи во сабота во салата на Домот на АРМ во Скопје, ќе се одгласи не само со новите рефрени, туку и со новата концепција.

– Место настапот на победниците на европските фестивали, кои доаѓаа од десетина држави, поради пандемијата ќе настапат победниците на македонските фестивали: „Еврофест“, „Макфест“, „Охрид фест“ и „Интерфест-Битола“ со дел од многубројните победнички мелодии. Меѓу учесниците што ќе ги слушнеме се и: Ѓоко Ѓорчев, Катерина Танева од групата „Нели ти реков“, Блага Петреска, Јулија Мациевска, Благица Хаџи Павловска, Серафина Фантаузо, групата „Интервали“ и други. Исто така, годинава нема да се оди во Крушево-родното место на Тоше Проески, еден од учесниците на фестивалот со песнаат „Сонце во твоите руси коси“, со која започна неговата успешна музичка кариера. Во неговото родно место требаше да се одржи отварањето на годинашниот „Еврофест“ – вели директорот на фестивалот Костадин Костадиновски, кој долги години со многу ентузијазам го подготвува секое фестивалско издание, па и годинашното во услови на глобална пандемија.

Ќе имаме можност да ги слушнеме и новите песни што пристигнаа и беа селектирани на националниот конкурс.

Програмата ќе биде снимена и ќе се емитува следната сабота на програмата на ТВ Сонце.

Во рамките на протоколите за јавни настани, ќе има редуциран број седишта во салата, а задолжително ќе биде и носењето заштитни амски. За оние што ќе сакаат да бидат дел до оваа фестивалска вечер ќе има бесплатни билети.

Водителки ќе бидат дамите, кои на своевиден начин се заштитен знак на фестивалот, Јулија Мациевска и Катерина Стојановска Десковска.

М.Т.