Во неговата хотелска соба е најден бел лист хартија на кој пишувало: „Животната приказна е побрза од треперењето на окото, приказната за љубовта е чао или до видување, додека не се сретнеме повторно“
Апсолутен ас на гитарата, еден од најголемите уметници, а според мислењето на голем број познавачи на музиката, најдобар гитарист на сите времиња. Тоа е Џими Хендрикс, или вуду-детето на светската рок-музика, кој изгледаше и звучеше како Марсовец што свири мешавина од рок и блуз-музика во слободна форма на фузија, која е најблиску до џез што никогаш и никој дотогаш не го свирел.
Во ерата на епохалните 1960-ти, никој и ништо не можеше да го спречи неговото искачување на музичкиот Олимп. Беснееше војна во Виетнам, на улиците на Далас беше убиен Џон Кенеди, сексуалната револуција го достигна својот климакс, а расизмот и сегрегацијата однатре го нагризуваа зачмаеното американско општество. Токму тогаш музиката на Џими Хендрикс стана симбол на љубов и слобода. На почетокот на кариерата никако не успеваше да се позиционира на музичката сцена во Њујорк. Но затоа само со еден брилијантен настап (11 јануари 1967 г.) во лондонскиот клуб „Бег O’нилс“, пред публика во која беа и Ерик Клептон, Пит Таунзент, „Битлси“, „Ролингстоунси“, Џими Пејџ, Џеф Бек и Брајан Епштајн, тој прекуноќ стана легенда, благодарение на извонредните изведби на „Wild Thing“, „Like a Rolling Stone“, „Hey Joe“, „Everybody Needs Somebody to Love“ и многу други. Пролетта 1967 г. следуваше албумот првенец „Are You Experienced“. Епохален дебитантски албум. Збир на моќни песни. „Purple Haze“ беше и сѐ уште е метафизичка сила на гитарскиот риф.
Инспирирана е од сон, сонуван по читање на дело од современиот американски писател Филип Фармер. А песната „Are You Experienced“ е пример за психоделична симфонија. Химнична евергрин-мелодија, која е граничен камен на експерименталното третирање на рокенролот.
Хендрикс беше и останува најголем инструменталист на херојската доба на рок-музиката и ненадминат гитарски херој, на начин на кој во џезот се Чарли Паркер и Џон Колтрејн. Тој ги смири и измикса блузот, психоделијата и хардрокот и го создаде рокот на слободна форма, иако, рака на срце, во сѐ беше блуз: и во основата и според сензибилитетот. На гитара можеше да отсвири буквално сѐ. Но тоа беше помалку од она што тој го слушаше во себе. Џими често изјавуваше дека тој не свири тонови, туку бои, и дека додека свири, ја гледа во главата музиката. Тој едноставно експериментираше со музиката. Ги адаптираше сите музички форми со кои доаѓаше во допир. Без разлика дали се работи за композиции на Хендел, џезот на Чарлс Мингус или пак џез-саксофонските песни на Колтрејн. Ги комбинираше африканскиот звук, европската хармонија и азиската полифонија. Тој со својата музика, со текстовите на неговите песни и начинот на свирење гитара го дополни поимот виртуоз и засекогаш ја промени претставата за електричната гитара.
Кога Џими ја земаше гитарата в раце, едноставно брилјираше. Така, неговата интерпретација на „The star-spangled banner“ („Бајракот накитен со ѕвезди“, химната на САД) на „Вудсток“, претставува нетрадиционална обработка на традиционалниот американски симбол. Тој, користејќи се себеси како црномуреста музичка ѕвезда, која е во можност да влијае на широката маса бели обожаватели, сакаше да укаже дека дошло до радикални промени на тогашната политичка сцена во САД, која дотогаш црнците ги третираше како граѓани од втор ред. Тој промените во песната ги долови преку звуци на бомби и ракети, кои пак ги симболизираа американската интервенција во Виетнам и внатрешната граѓанска војна за еднаквост. Оваа изведба беше величествен реквием за генерацијата деца на цвеќето и за целата епоха. Футуристичка и вонвременска верзија на химната на САД. Сите овие фактори продуцираа еден од највпечатливите моменти во рок-историјата, од страна на еден од најголемите гитаристи на сите времиња.
Кога, пак, ја слушаме и гледаме вонвременската „Hey Joe“ во негова интерпретација, ние добиваме три во едно: неверојатна музикалност со експресивен тон, неверојатна техника и возбудлив сценски перформанс. На тој начин, тој не само што на светот му покажуваше што сѐ може да направи со електрична гитара туку и на цела една генерација ѝ го покажа патот кон слободата („Хеј, Џо, каде ќе побегнеш сега, каде ќе одиш… Одам долу на југ, надолу кон Мексико. Одам на југ, далеку надолу каде што можам да бидам слободен…“). И сега, можеме ли да ја одминеме митската „Voodoo Child“. Тоа е рок-поезија во која Џими е космичка сила што патува по телото и духот, во времето и просторот. Сплет од примордијална еротика, преку древна клетва и ромско пророштво, до интергалактичко заедништво. Според Џо Сатријани, оваа песна е свет грал на гитарската експресија и техника. Со неа Џими како вуду-свештеник публиката ја води низ музиката, како низ ритуали и церемонии.
Инаку, тој прерано замина од овој свет пишувајќи поезија. Во неговата хотелска соба е најден бел лист хартија на кој пишувало: „Животната приказна е побрза од треперењето на окото, приказната за љубовта е чао или до видување, додека не се сретнеме повторно“. Животот ѝ го посвети на рок-поезијата, со која и го заврши. Музиката што ја остави зад себе не може да се опише. Со своето музичко дело Хендрикс го задолжи рокот исто колку и Елвис, „Битлси“, Боб Дилан, „Ролингстоунси“. Сума сумарум, неговиот дух вечно ќе лебди над разбуричканите бранови на херојското време на рок-музиката.
Сотир Костов