Шеесет и пет години рокенрол и 50 години „Вудсток“
Се ближи јубилејниот 50-ти фестивал „Вудсток“, и ред е да се потсетиме на тие храбри и славни рокерски, концертни и фестивалски времиња. „Вудсток“! Симбол на едно време. Важен, моќен, иконичен симбол. „Вудсток“ не е само фестивал на рок-музика. Не е само незадоволство од тогашните општествени системи и од ригидниот државен естаблишмент. „Вудсток“ е мисловен феномен на битници, хипици, професори, уметници, социолози, филозофи, кои размислуваа поинаку, спротивно на клишеата, стереотипите, и што е најважно имаа отворен ум. Постои мислење дека рок-фестивалите од крајот на 1960-тите години биле лебедова песна на тогашните генерации вљубеници во рокенрол-музиката. Големиот пронајдок на таа декада непосредно е поврзан и со појавата и развојот на хипи-движењето. Сѐ започна во раните 1960-ти години во Калифорнија, САД, каде што учесниците на хипи-движењето организираа поголеми бесплатни рок-концерти во духот на љубовта, мирот и музиката. Најголеми, најпознати и најславни рок-собири се одржани во периодот од крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите години, попрок-фестивалите „Монтереј“, „Вудсток“ и „Ајсл оф Вајт“. Се појавуваат многубројни фeстивали, па така помеѓу 1967-1970 година во САД се одржани над 30 рок-фестивали подолги од два дена, на кои присуствувале околу 2,5 милиони луѓе.
„Монтереј“ е одржан од 16 до 18 јуни 1967 година. Присуствувале повеќе од 50.000 млади вљубеници на рок-музиката. Привлече многу вљубеници на рок-музиката и отвори пат за многу рок-собирања што ќе бидат организирани во наредните години. Познат е и по тоа што најголемите музички ѕвезди што учествуваа на него не се повеќе меѓу живите: Џими Хендрикс, Отис Ридинг, Џенис Џоплин, Кит Мун, Брајан Џонс, Мама Кас, Боб Хит и други. Овој фестивал одигра значајна улога во афирмација на генерацијата нови светски рок-ѕвезди.
„Вудсток“ траеше три дена и според многу мислења овој фестивал е најдобриот и најславниот според моќта на пораките што ги испрати. За време на викендот 15-17 август 1969 г., во „Вудсток“ се собра заедница од околу половина милион љубители на добра рок-музика: хипици, јапии, студенти, професори од голем број колеџи и универзитети, припадници на контракултурата, воени ветерани, маргиналци и многу други. Списокот на учесници во музичката програма е 32 музички уметници – солисти и рок-групи.
На крајот во 1969 г., се одржа уште еден собир на вљубениците на рок-музиката. Првичната замисла беше да се одржи во Сан Франциско, во Голден гејт, но тогашниот естаблишмент не го дозволи тоа. Сепак, на 6 декември на тркачката патека во Алтамонт се одржа концерт на најголемата рок-атракција на сите времиња, групата „Ролинг стоунс“. Тие сакаа да направат своја верзија на „Вудсток“ на западниот брег, но сепак не успеаја во тоа, бидејќи тој собир остана во сеќавање најмногу по убиството на младиот Афроамериканец, кого ладнокрвно го убија припадниците на Ангелите на пеколот. Апсурдно е што тие беа задолжени за безбедноста околу концертот, бината и самиот фестивал, а всушност беа причини за големи нереди и тепачки. Ова брутално убиство беше овековечено и на филмската лента, и фестивалот се води како неуспешен обид да се продолжи духот на „Вудсток“. Најголемиот европски фестивал на сите времиња се одржа на 26 август 1970 г. на островот Вајт. На фестивалот присуствуваа 450.000 вљубеници во рок-музиката, а списокот на ѕвезди изведувачи беше импозантен: Ху, Џими Хендрикс, „Дорс“, Мелани, „Џетро Тал“, Џони Мичел и многу др. Фестивалот остана запаметен поради големиот број големи нереди во публиката, што засекогаш фрли сенка на големите рок-собири.
Сотир Костов