Низ годините Бред Пит со гордост го носи епитетот на врвна актерска ѕвезда, а во „Ад астра“ ги достигнува вистинските ѕвезди присутни во бесконечното пространство на вселената. Откако ги привлече целото внимание и симпатиите на присутните на филмскиот фестивал во Венеција, а филмот „Ад Астра“ доби најдобри критики и номинација за главната награда „златен лав“, публиката низ светот сега има можност да го погледне филмот на редовниот репертоар на домашните кина, во „Синеплекс“ и киното „Милениум“ во Скопје.
Големиот есенски научнофантастичен хит, со големиот холивудски заводник во главната улога, зрачи со мистерија. Кога во 2016 година беше најавен проектот, режисерот Џејмс Греј истакна дека би сакал да направи најреален приказ на вселенско патување во игран филм и затоа посвети многу внимание на деталите, па, така, и самиот наслов „Ад астра“ е латински израз што значи пат кон ѕвездите.
Инспирацијата за сценариото режисерот (и ко сценарист) ја пронајде во работата на американско-италијанскиот физичар и добитник на Нобелова награда Енрико Ферми, кој верувал дека голем дел од американскиот континент може да се распадне со првата поделба на атомот.
– Тоа ми беше навистина интересно и си помислив, што би се случило да немате што да изгубите и да сте изгубени во длабоката вселена? – вели Ферми, кој потоа го прочитал романот „Темно срце“ и го погледнал филмот „Апокалипса денес“ и идејата за филмот била родена.
Покрај Бред Пит, во другите улоги играат Томи Ли Џонс, Лив Тајлер, Доналд Сатерленд и Рут Нега.