„Оумуамуа“ е првиот меѓуѕвезден објект кој научниците го забележаа низ нашиот Сончев Систем. Терминот меѓуѕвезден значи дека доаѓа од друг ѕвезден систем како нашиот.
За мистериозниот објект во форма на пура забележан низ нашиот Сончев Систем минатата година се претпоставува дека е вселенско летало на вонземјани, испратено да ја испита Земјата, велат астрономите од Универзитетот „Харвард“.
Објектот, наречен „Оумуамуа“, што значи „гласник што достигнува од далечното минато“ на хавајски, бил откриен во октомври 2017 година од телескопот „Пан-СТАРРС 1“ на Хаваите.
Од неговото откритие научниците не можат да се согласат и да дадат заедничко објаснување за необичните карактеристики и потеклото. Некои од нив сметаат дека станува збор за комета, други за астероид, за на крај да заклучат дека го сметаат за прв објект од ваков вид: нова класа на „меѓуѕвездени објекти“.
Нов труд од истражувачите од Центарот за астрофизика Харвард-Смитсонијан ја зголемува можноста дека станува збор за објект од вештачко потекло.
– Објектот би можел да биде оперативна сонда испратена во близина на Земјата за да ја анализира – пишуваат астрономите во трудот.
Теоријата е базирана на екстра забрзувањето или неочекувано зголемување на брзината, како што патувал и на крајот излегол од нашиот Сончев Систем во јануари.
– Со оглед на вештачкото потекло, една можност е дека „Оумуамуа“ летал лесно, лебдејќи во меѓуѕвездениот простор како остатоци од напредна технолошка опрема – напишале авторите, сугерирајќи дека објектот би можел да се движи од сончевото зрачење.
Во трудот, научниците теоретизираат дека брзината на објектот и неговата невообичаена траекторија би можеле да бидат резултат на тоа што не функционира повеќе.
Сепак, некои научници не се убедени во трудот.