Луѓето се во постојано движење низ времето и териториите. Зошто мора да бидеме поделени на мигранти и староседелци?

Сите ние сме потомци на мигранти. Нашиот вид, хомосапиенс, не е настанат во Шангај, Буенос Аирес, Каиро или пак Осло, од каде што можеби го читаме ова. Дури и ако денес живеете во долината Рифт во Африка, на локацијата на најстарите откриени остатоци од нашиот вид, вашите предци сепак биле доселеници. Заминале, претрпеле промени и се измешале меѓусебно пред да се вратат на местото во кое сега живеат. Никој од нас не е по потекло од местото што го нарекуваме свој дом. И никој од нас не е староседелец во денешницава.

– Да се биде човек значи да се мигрира напред низ времето. Секундите се како острови на кои пристигнуваме по бродоломи, од кои нѐ одвлекува плимата и потоа повторно нѐ исфрла на некој нов остров, каде што никогаш порано не сме стапнале. Во текот на животот овие миграции се акумулираат, а секундите се претвораат во часови, месеци и децении. Стануваме бегалци од сопственото детство, училиште, пријатели и играчки, од родителите што го обликуваат нашиот свет. Сето тоа е минато, заменето со некои нови згради, телефонски повици, албуми со фотографии и спомени. Почнуваме да чекориме по нашиот пат, гледајќи угоре кон светот на возрасните. Малку подоцна, нашата младост ги привлекува погледите на другите, потоа чекориме со нашите деца или децата на нашите пријатели, за на крајот, речиси невидливи и не премногу заинтересирани, да бидеме повлечени од силата на гравитацијата – пишува авторот Мосин Хамид во најновото издание на „Нешнал џиографик“.

Според него, сите ние ги живееме постојаната драма на новото и постојаната тага за загубата што останува зад нас. Се обидуваме да ја негираме таа моќна универзална тага, ретко признавајќи си ја самите себеси, а уште помалку на другите. Општеството нѐ поттикнува да се фокусираме само на новите нешта, на збогатувањето, наместо на загубата, како нишка што нѐ обединува и поврзува како човечки суштества.
– Се селиме кога станува неподносливо да останеме онаму каде што сме. Се селиме поради притисокот од средината, физичките опасности, тесноградоста на нашиот сосед за да бидеме она што посакуваме и да го бараме она што ни треба. Се селиме низ времето, низ овоземниот свет, затоа што сме принудени на тоа. Се селиме низ просторот и физичкиот свет, навидум затоа што сами така сме одбрале, но во тие наши избори има и многу присила. Се селиме кога станува неподносливо да останеме онаму каде што сме: кога не можеме да издржиме ни минута повеќе сами во нашата задушлива спална и мора да излеземе надвор да си играме; кога не можеме да издржиме ни минута повеќе гладни на нашата пресушена фарма, принудени да бараме храна на друго место – пишува магазинот.

Човечкиот вид е преселнички. Луѓето отсекогаш мигрирале. Тоа го правеле нашите предци, не линеарно туку кружно, некогаш во еден правец, а другпат во друг, влечени од внатрешни и надворешни струи. Нашите современици мигрираат – најчесто од село во град во Азија и Африка. Ќе мигрираат и нашите потомци. Причина ќе бидат климатските промени, зголеменото морско ниво, војните, условите во економијата, кои исчезнуваат и им оставаат место на некои нови. Моќта на нашата технологија и нејзиното влијание врз планетава постојано растат. Резултат на тоа е забрзаното темпо на промени, што, пак, доведува до нови притисоци. Нашата пргава „сорта“ ќе ја користи преселбата како одговор на ваквите притисоци, впрочем, исто како што се селеле и нашите прабаби и прадедовци, а сето тоа од едноставна причина – човекот е програмиран да го прави тоа. Сепак, нам ни кажуваат дека ваквите преселби се непримерни, дека претставуваат криза, поплава, катастрофа. Кажано ни е дека постојат два вида луѓе – староседелци и доселеници, и дека тие мора да се борат за надмоќ над оној другиот.

– Ни кажуваат дека територијалните преселби може да се запрат, но и временските преселби исто така. И дека би можеле да се вратиме кон едно подобро минато, кога нашата земја, нашата раса и религија биле навистина големи и важни. Сѐ што треба да направиме е да ја прифатиме поделбата. Поделбата на човештвото на староседелци и доселеници. Една визија на светот со ѕидови и бариери, полн со стражари, оружје и надзор, потребни за зајакнување на ѕидовите и бариерите.

Свет во кој умира приватноста, а со неа достоинството и еднаквоста, каде што луѓето мора да глумат статични, неподвижни ликови, заковани за земјата на која стојат и времето на своето детство (или детството на нивните предци). Едно имагинарно време, во кое треба да останеме статични на своето место – пишува „Нешнал џиографик“.
Ова е сонот на нашиот вид, поразен од носталгија, во војна со самиот себе, со својата миграциска природа и природата на неговата поврзаност со времето, вид што вреска во негирањето на постојаната преселба, која е суштината на еден човечки живот.

Можеби размислувањето за себеси како мигранти ни нуди излез од оваа заканувачка дистопија. Ако сме сите ние мигранти, тогаш веројатно постои сродство помеѓу страдањето на жената што никогаш не живеела во друг град (а сепак се чувствувала како странец во својата средина) и страдањето на мажот што го напуштил својот град и никогаш повеќе нема да го види. Можеби токму минливоста е нашиот заеднички непријател, но не во смисла дека времето може да се запре, туку дека сите страдаме од загубите што ни ги наметнува времето. Можеби би станало можно да постигнеме поголемо сочувство кон самите себеси, а со тоа би станале и почувствителни кон другите околу нас. Би можеле да насобереме поголема храброст додека пливаме низ времето, наместо да му се предадеме на стравот. Можеби колективно би успеале да станеме доволно храбри за да прифатиме дека нашиот индивидуален крај не е крај на сѐ, но и дека убавината и надежта ќе опстојат дури и кога ќе нѐ снема од овој свет.
Прифаќањето на нашата реалност како миграциски вид нема да биде лесно. Ќе ни требаат нови уметности, нови приказни и нови начини на живот. Но постои голем потенцијал за тоа. Подобриот свет на правда и сеопфатност е можен, за нас, за нашите внуци, со подобра храна, подобра музика и помалку насилство.

Пред два века, најблискиот град до вас бил незамисливо поинаков од оној каков што е денес. По два века најверојатно ќе биде уште поинаков. Одреден дел жители речиси на секој град повеќе би сакале да живеат во својот град од пред два века. Според ова, би требало да сме уверени дека истото ова би се случило и во градовите што ќе опстојат по два века отсега.

Според авторот на текстот, објавен во „Нешнал џиографик“, ние сме сорта на мигранти што конечно ќе биде комотна во сопствената кожа. Според него, тоа е дестинација кон која вреди да се патува. Во неа се содржани централниот предизвик и можноста што ни ги нуди еден мигрант: во него или во неа да ја согледаме и нашата сопствена реалност.
В.Б.Н.