Опасен експеримент
На Флорида во дивината ќе бидат пуштени повеќе од 750 милиони генетски модифицирани комарци во текот на 2021 и 2022 година. Властите го одобрија овој проект и покрај големото спротивставување на локалното население и на организациите за заштита на природата. Таквата одлука ги налути граѓаните, но и организациите за заштита на животната средина.
– Властите решија да ги користат парите на граѓаните и државните ресурси за спроведување експеримент. Сега, без процена на ризикот, тие продолжуваат со експериментот – соопшти Џејди Хенсон од Меѓународниот центар за управување со технологија и Центарот за безбедност на храна.
Пилот-проектот е дизајниран да открие дали ГМО-комарците можат да бидат замена за инсектицидите што се користат при запрашување на тигрестите комарци, кои можат да пренесат денга и жолта треска, како и голем број други болести.
Тигрестите комарци, кои се препознатливи по шарите на нозете и на предниот дел, потекнуваат од Африка и можат да се најдат во тропските делови на светот.
Комарецот наречен OX5034 е генетски модифициран така што женките умираат додека сѐ уште се во фаза на ларва, поточно пред да пораснат доволно за да можат да каснат и да пренесат вируси. Во студијата се наведува дека само женките каснуваат затоа што им е потребна крв за да положат јајца, од друга страна, пак, мажјаците се хранат со нектар и затоа не се носители на опасни вируси.
Како што беше најавено, модифицираните комарци ќе бидат пуштени во 2021 година во округот Харис, во Тексас. Американската агенција за заштита на животната средина го одобрила почетокот на проектот откако биотехнолошката компанија „Окситек“ спровела неколкугодишно истражување за тоа како генетски модифицираните комарци можат да влијаат врз човекот и природата.
– Ова е многу интересно, бидејќи станува збор за декада на заедничка работа на стотици луѓе низ светот, кои се залагаат за заштита на човештвото од заразни болести – изјавил директорот на „Окситек“.
Властите решиле да користат генетски модифицирани комарци откако потрошиле милиони долари во текот на годините за да ги контролираат тигрестите комарци, но без многу успех. Во текот на 2009 и 2010 година беше забележана епидемија на треската денга, а откако годишно инвестирале повеќе од 1 милион долари за прскање и сузбивање, тие решиле да побараат помош од „Окситек“.
Компанијата тврди дека комарците веќе биле „успешно тестирани“ на Кајманските Острови, Панама и Бразил. Наводно, употребата на ГМО-комарците довела до пад на бројот на тигрестите комарци за дури 95 проценти.
Сепак, многу американски граѓани се кренаа против оваа одлука и потпишуваа петиции за забрана за употребата на модифицираните комарци. Досега, петицијата ја потпишале скоро 250.000 луѓе, кои велат дека не сакаат да бидат заморчиња.
„Окситек“ е должен да ги извести надлежните органи за пуштање на комарците, најмалку 72 часа однапред. Потоа, тие мораат континуирано да ја следат состојбата на теренот, 10 недели и да обезбедат дека ниту една женка нема да преживее.
Иако ова може да звучи како олеснување за луѓето што страдаат од каснување од комарци секое лето, експерти од Здружението за заштита на животната средина велат дека постои добра шанса модифицираните гени да загрозат многу видови птици и инсекти што се хранат со комарци.
Експериментот во Бразил доживеал неуспех
Иако „Окситек“ и властите тврделе дека употребата на генетски модифицирани комарци значително ја подобрила ситуацијата во Бразил, фактите зборуваат поинаку. Имено, резултатите на терен биле полоши од очекуваните.
Експерти од универзитетот „Јејл“ минатата година соопштија дека, иако неколку милиони генетски модифицирани машки комарци биле пуштени во дивината, носејќи го претежно смртоносниот ген за остварливо потомство на дивите женки, популацијата на овие инсекти тешко дека се намалила.
Поради тоа, научниците анализирале примероци од гените на трансгенските и диви комарци пред и по експериментот и откриле дека некои од дивите видови ги задржале гените од модифицираните видови, и покрај првичните тврдења дека гените нема да влезат во општата популација, затоа што не се очекувало потомците да преживеат.
Популацијата на локалните бразилски комарци првично се намалила откако биле пуштени модифицираните комарци, но повторно се зголемила по околу 18 месеци, најверојатно поради отпорност при мешање со видовите од Куба и од Мексико, велат експертите, забележувајќи го необичното однесување на дивите женки, кои многу брзо почнале да ги избегнуваат генетски модифицираните мажјаци.