Најдлабокиот базен во светот со пад од 45,5 метри, наменет за нуркачи, беше отворен недалеку од Варшава. Базенот е наречен „Дипспот“ и е полн со имитации на подводни пештери и урнатини, а исто така има и помал бродолом наменет за истражување. Базенот е исполнет со 8.000 кубни метри вода, што е дваесет пати повеќе од волуменот на стандарден базен долг 25 метри. Исто така, се планира изградба на хотел од чии соби ќе се нуди поглед во внатрешноста на базенот и нуркачите.
– Ова е најдлабокиот базен на светот – гордо изјави за АФП директорот на „Дипспот“, Михал Брашински, по големото отворање.
Претходниот рекорд, запишан во Гинисовата книга на рекорди, го држеше базенот „Монтегрото Терме“ во Италија, чиј вертикален пад изнесува 42 метри.
Но се чини дека полскиот базен наскоро ќе падне на второто место, бидејќи во Велика Британија се конструира базенот „Блу Абис“, за кој се верува дека ќе биде пуштен следната година, а неговата длабочина ќе изнесува 50 метри.
-Иако овде нема убави риби или корални гребени, ова е навистина добро место за обука и подготовка за нуркање во вистинското море или океан – коментира Пржемислав Капрзак, инструктор по нуркање.
Базенот ќе го користат пожарникарите и армијата и во него ќе се тестира разновидна опрема. Изградбата на „Дипспот“ траела две години, чинела околу 8,9 милиони евра, а во него биле искористени околу 5.000 кубни метри бетон.