Објавено беше видео на кое се гледа мајмун со вградени импланти во мозокот, благодарение на кои тој игра едноставна видеоигра. Станува збор за почетен проект на компанијата „Неуралинк“, во сопственостна милијардерот Илон Маск.
На триминутното видео е покажан мајмунот Пагер, кому му биле вградени чипови на секоја страна од мозокот, што му овозможило да ја игра играта „Мајд понг“. Ова животно сега е обучено да го користи џојстикот за да си игра со своите мисли.
Маск, извршниот директор на компаниите „Тесла“ и „Спејс икс“, посочи преку Твитер колку е важен овој проект за човештвото.
– Првиот производ на „Неуралинк“ ќе им помогне на луѓето што се парализирани да користат мобилен телефон во нивните умови побрзо отколку на луѓето што можат да ги мрдаат прстите – напиша тој наТвитер.
Колку е амбициозен и значаен предметниот проект се потврдува и со неговата најава дека подобрувањето на оваа иновација ќе им овозможи на пример на параплегичарите да одат. Тој објасни дека имплантите се полнат безжично.
„Неуралинк“ работи со регистрирање и декодирање електрични сигнали од мозокот, користејќи повеќе од 2.000 електроди, вградени во областите на моторниот кортекс, кои ги координираат движењата на рацете.
Оваа компанија е основана пред пет години, а нејзината цел е вградување безжични компјутерски чипови во мозокот за да им помогне на луѓето со невролошки заболувања, како што се Алцхајмерова болест, деменција и повреди на ‘рбетниот столб. Целта е да се придонесе за развој на вештачката интелигенција.
Во август минатата година, чиповите на „Неуралинк“ беа вградени во свиња, пренесува „Ројтерс“.