Кога извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, на социјалните мрежи ќе објави било што поврзано со криптовалутите, инвеститорите будно го следат со особено внимание. Но, милијардерот е горд сопственик на само три криптовалути: биткоин, доужкоин и етериум, пренесуваат светските медиуми.
Маск веќе долго време важи за голем поддржувач на криптовалутите, до таа мера што со објавите на Твитер, влијаеше за претходното зголемување на вредноста на криптовалутата доужкоин. Во 2017 година се појавија гласини дека Маск всушност е мистериозниот креатор кој стои зад создавањето на биткоинот. Тој подоцна ги негираше ваквите гласини.
– Книжните банкноти ќе заминат во историјата – изјави Маск за време на гостувањето на подкаст во 2019 година и откри дека поседува само 0,25 биткоини што му ги дал некој пријател. Претходно годинава, „Тесла“ објави дека фирмата купила биткоин во вредност од 1,5 милијарди долари, а почна да ја прифаќа криптовалутата како начин на плаќање за своите електрични автомобили.
Втората криптовалута која ја поседува Маск е доужкоин, а тој дури стана и кум на валутата во 2018 година. Маск му се обратил на Џексон Палмер, креаторот на доужкоин, и му поднил помош при отстранување на измамничките ботови од неговата страница на Твитер. Следната година, Маск откри дека доужкоин можеби е неговата омилена криптовалута, бидејќи за него таа е „криптовалута на народот“. Маск потоа се прогласи за кум на криптовалутата, и преку Твитер индиректно влијаеше на зголемувањето на нејзината вредност.
Слично како со доужкоин, Маск на Твитер во 2019 година предизвика силни реакции со објава која се состоеше од само еден збор – етериум. Објавата беше доволна за инвеститорите во криптовалути да покажат интерес за оваа дигитална монета, во која Маск исто така инвестираше. Со ваквата поддршка за криптовалутите, останува да се види дали наредната голема криптовалута што ќе се појави ќе биде наречена по ексцентричниот милијардер.