Во италијанскиот град Равена беше претставена една од првите печатени 3Д-куќи, која е дело на архитектот Марио Кучинела и е изградена од глина.
Според магазинот „Аркитектурал дајџест“, овој необичен објект има незаборавно име, „Текла“, што е сосема иновативен потфат. Објектот од 645 квадратни метри, чија школка е изградена целосно од локална глина, е една од првите 3Д-куќи со 3Д-печатење.
Името инспирирано од измислениот град Текла на италијанскиот писател Итало Калвинo предизвикува безвременост поради спојот на античката архитектура во комбинација со технолошките можности на 21 век.
Можеби не се смета за замок, но револуционерната технологија за 3Д-печатење на компанијата ВАСП успеа да изгради уникатна куќа за само 200 часа, во која има спална соба, дневна соба и бања.
Уште еден намерен избор бил материјалот, односно глината направена со комбинација на локална земја и вода, со што се поедноставил процесот. Исто така, материјалот е директен одговор на климатските промени на глобално ниво.
Од „Кучинела аркитектс“ објаснија дека материјалот е избран со цел дури и заедниците што не уживаат во придобивките од индустријализмот да можат да користат каков било достапен природен материјал за ефикасна и одржлива изградба на евтини домови. Природните елементи не само што ги намалуваат штетните ефекти од производството на вообичаените синтетички градежни материјали туку нудат и многу придобивки.
На пример, специфичниот тип на глина е самоизолирачки, што значи дека може да ги балансира и топлинската маса и вентилацијата на ѕидот. Со други зборови, нема потреба од климатизација или печки, затоа што „Текла“ е доволно способна да одржува пријатна клима.
Исто така, од компанијата посочија дека употребата на природни материјали при изградба на домови не е револуционерно откритие, туку античка долгогодишна практика.